Македонскиот филм победи во три категории: „Медена земја“ – најдобар документарец на „Санденс“

115

„Медена земја“ ja доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија во конкуренцијата за документарци на американскиот филмски фестивал „Санденс“. Филмот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена

Македонскиот филм „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, победи во три категории во конкуренцијата за документарци на американскиот филмски фестивал „Санденс“.
На церемонијата што се одржа во саботата (2 февруари) во Парк Сити, Јута, САД „Медена земја“ ja доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија. Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена.

„Прват во историјата на реномираната манифестација еден проект е награден со три признанија“, посочија од продукцијата.

Инаку, „Медена земја“ беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.  Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс“. Премиерата се одржа на 28 јануари 2019 година во рамки на 38. издание на „Санденс“. По премиерата документарецот доби одлични рецензии од реномираните филмски критичари и медиуми меѓу кои: Ентони Кауфман од „Скрин Интернешнал“, Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“, Гај Лоџ од „Вараети“, Крис О’Фалт од „Индивајр“, Ерик Хајнс од „Филм комент“, Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“.

Филмот ја раскажува приказната за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Продуцентот и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ од Бејрут.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Премиерата во Скопје е најавена за почетокот на март.