Лидерите на БРИКС постигнаа договор за проширување на блокот

85

Лидерите на БРИКС постигнаа договор за проширување на оваа организација, објави јужноафриканскиот министер за надворешни работи Наледи Пандор.

Договорот за проширување го отвора патот за десетици заинтересирани земји-кандидати да ги претстават своите причини за приклучување кон групата.

„Се договоривме за прашањето за проширување. Имаме документ што го усвоивме во кој се поставуваат насоки и принципи, процеси за разгледување на земјите кои сакаат да станат членки на БРИКС… Тоа е многу позитивно“, изјави Наледи Пандор за радио станица управувана од Министерството за надворешни работи на Јужна Африка, пренесува РТС.

Пандор рече дека водачите на блокот ќе дадат подетално соопштение за проширувањето пред да заврши самитот во четврток.

Повеќе од 40 земји изразија интерес за приклучување кон БРИКС, а 22, вклучувајќи ги Иран, Венецуела и Алжир, официјално побараа прием.

Проширувањето на БРИКС беше главна тема на самитот што се одржува во Јоханесбург. Додека сите членки на БРИКС јавно ја изразија својата поддршка за проширувањето на овој блок, до израз дојде поделбата меѓу лидерите за брзината на проширување и бројот на можни нови членки.

Членови на БРИКС се Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.