Либанските лидери уште во јули биле предупредени за опасниот експлозив

29

Откако целата влада поднесе оставка, во јавноста се прошири веста дека претседателот и премиерот две недели знаеле за опасноста од експлозија и ништо не преземале. На Либан му се заканува глад.

Под сè поголем притисок од јавноста поради катастрофалната експлозија на пристаништето владата на Либан во понеделникот поднесе оставка. Насилните протести продолжуваат, а демонстрантите ја обвинуваат владата дека со својата негрижа и корумпираност ја предизвикала експлозијата.

Претставници на либанските безбедносни служби ги предупредиле премиерот и претседателот уште минатиот месец дека 2.750 тони амониум нитрат, кои биле складирани во пристаништето во Бејрут, претставуваат безбедносен ризик и може да го уништат градот во случај на експлозија, дознава „Ројтерс“. Нешто повеќе од две недели подоцна, на 4 август, се случи експлозија во која загинаа повеќе од 163 лица, повредени се повеќе од 6.000 и уништени се околу 6.000 згради.

„Ројтерс“ наведува дека имал увид во извештајот на Генералниот директорат за државна безбедност за настаните што довеле до експлозија, а внимание им привлекло писмото испратено до претседателот Мишел Аун и премиерот Хасан Диаб на 20 јули.

Иако содржината на писмото не била во извештајот, еден висок либански службеник за безбедност рекол дека со писмото се сумирани наодите од судската истрага започната во јануари, во која се заклучува дека хемикалиите треба да бидат обезбедени веднаш.

Либан може да остане без леб за околу две и пол недели, бидејќи 85 проценти од житото доаѓа преку пристаништето во Бејрут, уништено во експлозијата. Ова го изјави директорот на Светската програма за храна Дејвид Бизли кој во Бејрут ја проценува штетата од експлозијата во пристаништето. На онлајн конференцијата на ОН за хуманитарната состојба во Либан по експлозијата, Бизли рече дека неговиот тим утврдил дека, и покрај последиците од експлозијата, пристаништето „може да биде оперативно на привремена основа“.

Во експлозијата на 2.750 тони амониум нитрат кои шест години беа складирани во пристаништето без мерки на претпазливост, загинаа 220 лица, а беа повредени 6.000. 110 лица се водат како исчезнати, додека 300.000 останаа без домови.

Либанците кои долго време ја обвинуваат политичката елита за корупција, небрежност и лошо работење, во последниве денови повторно организираат масовни протести, барајќи реформи.