Кумановци сè уште купуваат вода за пиење. Надлежните од ЈП „Водовод“ и граѓаните го чекаат последниот резултат од земените мостри од Центарот за јавно здравје. Законските рокови се децидни и потребни се три последователни анализи на земени мостри од различни локации. Препораките на надлежните е водата да се преврива и да се користи како техничка, сè до конечна потврда од Центарот за јавно здравје.

– Според законските процедури, до утре до 14 часот би требало да ги добиеме резултатите од трите последователни анализи од мострите земени од десет локации низ градот – изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Екипите на Центарот за јавно здравје ги зедоа првите мостри во четвртокот, вторите во петокот, третите во саботата. За секоја анализа, потребни се по 48 часа. И денеска ќе бидат земени мостри од десет локации, за хемиска и за микробиолошка анализа.

Од кумановската Општа болница информираат дека сè до последните резултати, ќе ги праќаат пациентите во скопските клиники и болници. Директорката на Болницата, Биљана Ивановска, истакна дека ќе се чека на резултатите од Центарот за јавно здравје.

– На Инфективното одделение, состојбата е стабилна. Немаме зголемен број лица заболени од стомачни вируси. Граѓаните ги почитуваат препораките – изјави д-р Сунчица Јосифова, началник на Одделението.

Осумте објекти од градинката „Ангел Шајче“ и Домот за стари лица имаат вода за пиење, која ја набавија двете институции.

– Минатата недела, покрај тоа што самите набавивме вода, имаме добиено, како донација, над 1.220 литри од тројца наши набавувачи. Сè додека трае оваа состојба, ќе набавуваме вода со сопствени средства – изјави директорката на градинката, Марина Алексовска.

Директорот на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, Дејан Стојановски, вели дека набавуваат вода за пиење од набавувачи.

Во Куманово, нормализирано е водоснабдувањето, освен во високите зони. Покрај состојбата со водата и испитувањето на матноста, во неделата се случи и поголем дефект на главата цевка пред основното училиште „Кочо Рацин“, што ги остави жителите од населбата Зелен Рид без водоснабдување.

– Екипите го санираа дефектот на цевката Ф-300 речиси цел ден, поради комплексноста на проблемот. Водоснабдувањето насекаде е нормализирано, освен на највисоките места во градот – изјави Стојмановски.

Конкретно, жителите на приградската населба Карпош, близу резервоарот, сè уште имаат проблем со водоснабдувањето. Таму пристига вода од Митев Мост, која цело време е безбедна за пиење, исто како и водата од Бедиње.

– Во неделата, со затворање на шибери и со затворање на други локации, се обидовме да ги снабдиме овие локации со вода. Поради нерационално трошење на водата од граѓани, таа не може да стигне до највисоките локации. Таму одат 50 литри во секунда. Ако се земе предвид дека Крушево, со 4 000 жители, се снабдува со 20 литри вода во секунда, може да замислите каква потрошувачка има во тие населби – изјави Стојмановски.

Тој ги повика граѓаните рационално да ја користат, да не ги полеваат дворовите, да не ги мијат автомобилите, да не ги полнат базените. На 21 мај годинава, надлежните институции ја информираа јавноста дека е заматена водата, поради обилните дождови во Липковско, каде што имаше интензивни врнежи од град и од дожд. Таму се сместени бравите „Глажња“ и „Липково“, од каде што доаѓа водата до ЈП „Водовод“, која, по обработката, се дистрибуира до населението.