Културно-уметнички активности како продолжение на мултимедијалниот проект „9“ на писателот Гоце Ристовски

102

По повод празникот на светиот маченик Трифун, покровител на меанџискиот еснаф и заштитник на лозарите и градинарите, во девет региони во земјава, денеска со почеток во 9 минути до 12 часот ќе се изврши традиционално закројување на лози со обредни и културно-уметнички активности, како продолжение на мултимедијалниот проект „9“ на писателот Гоце Ристовски.

Во близина на кејот на Вардар, информира писателот Ристовски, ќе бидат закроени лози накитени со 9 мироносни слики – цвеќиња и ќе се наздрави со вино во 9 специјално насликани чаши со цветни деветки што ќе ги изработи хуманистот и уметник Живко Поповски Цветин. Во таа пригода молитвени стихови ќе упати проф. д-р Мимоза Раил, а поетесата Моника Стојанова ќе чита песни за виното. Празнувањето ќе биде збогатено и со учество на Димитар Илиевски, Илија Николовски,Томислав Башевски, Илко Димитриевски-Шарпланинец, Тања Стоилковска и Љубиша Николиќ.

Во лозјето на истакнатите копаничари Васко и Веселин Поповски, во село Оптичари, Битолско, во присутво на лозари од овој крај, ќе создадат 9 инсталации во простор, изработени од пресечените лозови прачки.

Агрономот и сликар Зоран Митревски ќе организира самостојна ликовна изложба поставувајќи 9 слики од својата најнова творечка фаза на лозницата во дворот во Штип, поставени на закроените граники, посветена на Трајче Биријата, познат лозар и почитувач на традицијата поврзана со празнувањето на Свети Трифун во Штипско.

Во Велестово, Охридско, поетот Славе Ѓорѓо Димоски и синот Александар, во 9 минути до 12 часот ќе го закројат лозјето според аманетот на нивниот предок дедо Андон. Во органзација на ПНВ Публикации ќе се одржи поетско читање на песни за виното, а ќе биде интерпретирана и песната Молитва од Булат Окуџава, добитник на Златниот венец на СВП, како своевидна порака за љубов, вера и надеж.

Како дел на оваа заедничка обредно културна манифестација во Струмица, во организација на Иван Котев, собирач на народни умотворби, ќе се одржи и културно- уметничка програма, а овој познат фолклорист и поет ќе одржи беседа за празнувањето на свети Трифун во минатото и денеска во Струмичко.

Со пригодни активности по закројувањето на лозите во присуство на повеќе лозари, во девет минути до 12 часот, ќе бидат организирани поетско молитвени активности и во прилепско, во организација на агрономот Филип Димкоски, во Демир Капија на Пецко Димитриев, во Катланово на Анѓеле и Маре Јовановски и во Тромеѓа, кумановско на Драган Цветковиќ.

По упатени молитви за заштита и бериќет на лозјата и градините и пораки и молитви за здравје, љубов и мир на луѓето во девет региони ќе бидат пуштени 9 пораки во шише – за здравје, љубов и мир – во водите на Вардар, Брегалница и Охридското езеро.

Извор:МИА