КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Нормалност!

502

Нормалноста е „религијата“ на Македонскиот Концепт! Промовираме нормалност! Сакаме да живееме нормално! Народот во Македонија има право да живее нормално! Човек да може нормално да се роди и нормално да умре! Да може нормално да прави бизнис! Да може нормално да си ги школува децата! Да може нормално да одмори! Да може нормално да се движи по улици! Да може нормално да паркира кола! Да може нормално да си го прехрани своето семејство, па и себе си! Да може нормално да оформи семејство! Да може нормално со кој сака кафе да се напие! Да може нормално… абе нормално, за нормалното зборуваме! Тоа го нарековме ФЕР ОПШТЕСТВО!

Да се живее нормално е фер! Фер шанса за секого! Никогаш нема да биде совршено. Не постои вечна и совршена правда. Не постои совршен систем или совршена држава. Ниту пак совршено општество. Може да биде само фер, фер систем, фер држава, фер
општество, во кои се живее нормално! Тоа е нашиот императив!

Ако прашувате зошто народот се иселува од земјава? Тоа е зашто нема нормалност. Не е работата за пари! Не! Работата е да се најде место за нормален живот. Место каде нема „платени загари“ од политички партии, кои со една рака мавтаат со знамето на партиотизмот, со другата пикаат валканиот паушал во џебот. Место каде не е ерес да се напиеш кафе со пријател, макар тој или таа биле од друга партија или друга религија.

Место каде нереализирани „адвокати“ својот неуспех, не го оправдуваат со омраза кон
твојот успех. Место каде секој си ја гледа својата работа. Место каде човек на човека гледа да му помогне, ако може, но никако со намера да му одмогне. Место каде не царуваат омразата и бесот. Место каде царува разумот. Место каде… абе место каде нормално се живее!

Зошто ние не сме нормални? Не сме нормално општество? Не живееме нормално? Мислам дека одговорот стои во секој од нас. Прво во нашето лично поведение, а после во општествено прифатливото поведение. Одговорот го имаме во себе си. Дали можеме нормално? Секако дека можеме. Само треба да сакаме. Немаме оправдување… она или она! Сите народи поминале низ свои патешествија. Некој повеќе, некој помалку. Но, тоа е тоа! Нема назад, животот продолжува. Како сакаме да продолжиме, нормално или ненормално, од нас зависи. И само од нас. Тука Европа може само да ни помогне, но не може да направи нормално да живееме, ако ние самите не сакаме. Ако самите не направиме нормално да живееме.

Народот ни живее под колективен стрес. Буквално така. Колективен стрес. Такво е времето во кое живееме. Време на социјална, економска несигурност. Тоа е еден од факторите за тој колективен стрес. Но не само тоа. „Бандитизмот“ кој владее насекаде околу нас е фактор плус. Граѓанинот во обид да се заштити од тој стрес, кој му го налагаат лошите и крајно депресивни општествено – економски односи, влегува во авантури, бара да припаѓа во колективитет. Таа „граѓанска потреба“ ја злоупотребуваат политичките партии, ја злоставуваат граѓанската доверба. Буквално ја злоставуваат. Граѓаните така несигурни во себе и во иднината која ги очекуваат, буквално се тепаат некаде да „припаѓаат“! По можност тоа да е „колективитет кој нуди сигурност или извесност“, излез од тој страв, од тој стрес. Барем да го намали тој стрес. Тоа постои само во главата на граѓанинот. Со други зборови, нашиот народ рекол „умот го лажи“. Тука нема простор за кауза, за високи цели.

Тука се „размислува само со стомакот“. И тоа е тоа… тоа е оправдано и целосно го
разбирам. Само не разбирам, зошто не се обидеме поинаку?!? Можеби ќе биде подобро.

Вака и онака не е во ред! Ако се обидеме, може да биде подобро! Логиката на животот е да се преживее. За да се преживее, потребни се средства за опстанок. Потребна е социјална сигурност и перспектива за идните генерации. Нашите деца не треба да живеат со стресот на нивните дедовци. Не треба да живеат покрај нивната пензија. Туку треба да си имаат своја перспектива. Недефинираните општествено – економски односи ги прават несигурни. Ненормалноста ја гледаат пред себе. И заминуваат.

Нормалноста значи и здрав социо – економски статус на поединецот. Не наколективитетите. Не на партиските врхушки, кои говорат и дејствуваат во името на тие колективитети. Туку на поединецот, на човекот, на граѓанинот.

Тука потфрли и државата. Нејзина задача е да обезбеди таков статус на поединецот. Токму затоа тој поединец плаќа данок на таа држава. Државата е должна да обезбеди услови за нормалноста. Тука ја гледаме и нашата шанса нешто да промениме. Преку управување со државата, да ги промениме постојните социо – економски услови, кои продуцираат ненормалност, а да отвориме пат за нормалноста. Младите да ја гледаат истата шанса за успех, како во развиениот цивилизиран свет. Многупати сме напоменале, државата да си ја земем власта во свои раце. Токму на тоа мислиме.

Улогата на државата е да ја осигура нормалноста. Во моментот постојат конкурентни политички понуди. Дали е тоа прав пат кон обнова или обнова за прав пат, ние ги поздравуваме и очекуваме да покажат решенија. Но нашата визија, нашата понуда, ќе повторам нашата „религија“, е нормалноста! Македонскиот концепт се бори за нормалноста! Промена на свеста, за почеток е доволно да престанеме ненормалноста да ја прифаќаме за нормалност и да започнеме да се бориме, да тежнееме кон нормалност. И тоа да го постигнеме од опозиција, зашто тоа е возможно и така треба.

Улогата на опозицијата е да понуди поинакви решенија од оние на власта. Нашата прва понуда е токму тоа, нормалноста!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)