КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Сељачизам на дело

682

Прекрасен февруарски ден, градот обоен со зраците на сонцето, воздухот што на пролет мириса ги намамил скопјани да излезат надвор.  Градот врие како кошница, кафулињата и рестораните преполни, луѓето како ретко кога насмеани го впиваат сонцето. Но не ги намамило времето само луѓето надвор, за жал и сељачиштата се меѓу нив, простотилак, некултура и невоспитание шират како реа што по дождот од канализација се шири. Сељачизмот, производот на политикантите, тајкуните и корупцијата, за жал, стана неизбежен фолклор кој не избира ниту време, ниту место, ниту публика, сеприсутен е. Не ви е потребна ниту некоја посебна опсервација, ниту моќ на забележување за да воочите сељачиште дури не е потребен ни поттик, причина или повод, тој самиот ќе се покаже, ќе се истакне и ќе исплива на површина.

Сељачиште ќе забележите во сообраќајот како од лента за лево насилно и наметливо прошишува на семафорот право, ризикувајќи да ги повреди луѓето кои стрпливо чекаат во колона во соодветна сообраќајна лента. Сељачиште ќе забележите кога фрла ѓубре од тераса или до контејнерот, кога со наведната глава ќе ве одмине и покрај вашето „добар ден”, кога прекинувачот во ходникот на зградата го пали со нога, кога пуши во лифтот. Сељачиште ќе забележите во кафеана кога урла, а не зборува, па цела кафана го слуша неговиот монолог кој почнува и завршува со неговата успешност, неговите контакти и врски, кој, што и колку му должи.

Денес едно такво сељачиште видов во „Џино“, бев присутен на сељачизам на дело. Три госпоѓи извесен период стоеја и стрпливо чекаа да се ослободи маса што ја резервирале од 15 часот, а како стигнале порано културно му одговорија на келнерот дека ќе почекаат. Во мигот кога масата се ослободи, келнерот ги повика да седнат на масата за која имаа резервација но еден тип во тренерка, налик на српските мафиози и уличари од 90-тите години од минатиот век, се мушна покрај келнерот и седна на масата која келнерот им ја покажа на госпоѓите. Неговата сопруга се колебаше дали да седне, бидејќи го слушна келнерот дека масата е за госпоѓите, но тој ѝ с’ржа уз задолжителното „мори” и таа послушно седна.  Госпоѓите збунети му укажаа дека ја резервирале масата и чекале да се ослободи и го замолија да ја ослободи, на што им се приклучи и келнерот. Една од основните одлики на сељачизмот, покрај простотилакот и насилноста, е и отсуство на срам, па без око да му трепне, примерокот и производ на шљамот на денешнината, им одговори дека масата е негова, дека е тој секој ден тука и дека не знаат кој е тој и со кого си имаат работа. Луѓето од масите во ресторанот се свртеа и почнаа да реагираат, а келнерот и госпоѓите повторно најкултурно го замолија да ја ослободи масата, но сељачиштето се закани дека ќе повика полиција, фалејќи се кого се знае, продолжувајќи да им се заканува на госпоѓите и келнерот дека го знае и Џино лично и дека келнерот ќе го избркаат од работа, а госпоѓите нема да припарат во ГТЦ. Гледајќи дека нејзиниот сопруг претерал, неговата сопруга стана и почна да го моли да стане. Сељачизмот се распали на најако, па и на сопругата почна да ѝ се дере дека масата е негова и дека тука ќе пие кафе по секоја цена. Сопругата остана да стои и да го моли, а госпоѓите, на изненадување на сите, постапија мудро и храбро,  седнаа на масата, оставајќи го да седи. Го замолија келнерот да им донесе мени но ниту тоа, ниту сопругата негова која стои и се срами не го поколебаа. Сељачизмот навистина не знае за срам, но ни за граници, па дрско им се обрати на госпоѓите со она „знаеш ли ти кој сум јас“, флоскула омилена на искомлексирани безвредници. Ми дојде смешно затоа што тој не знаеше со кого има работа, затоа што едната ја познавам и е јавен обвинител.

Госпоѓите го игнорираа, сељачиштето ја игнорираше сопругата која стои и го моли, го зеде својот мобилен и побара некој Јоцо веднаш да дојде. И дојде Јоцо, келнер како и другите, ама очигледно прост како и овој првиот во тренерката, па ги замоли госпоѓите да станат од масата и покрај тоа што имаат резервација. Пред да му одговорат што било на Зоки, се замешаа другите келнери кои беа децидни и упорни дека тој треба да стане. Надгласан Зоки се изгуби некаде во внатрешноста на ресторанот, а малку по него и претставникот на сељачизмот стана и ја напушти масата, заканувајќи им се на сите дека ќе видат кој е тој и дека ќе изгубат работа. Гледачите од другите маси, кои ги подржуваа госпоѓите, за малку не почнаа да аплаудираат заради една од ретките победи над сељачизмот, одушевени од достоинственото и културно држење на госпоѓите.

Само два типа на луѓе не знаат што се додека сите околу нив знаат, мртвиот и будалата. Се надевам дека егземпларот и еклатантниот претставник на сељачизмот ќе се препознае и ќе се замисли ако воопшто има со што да мисли. Навистина е дојдено време кое Андриќ го опишува, време во кое будалите прозборуваат, фукарите ќе се збогатат, а паметните замолкнуваат.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)