КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Покондирени тикви или модерни Феми

2806

Покондирена тиква  е израз за  простаци, примитивци, необразовани и недоделкани луѓе кои сметаат дека треба да им припаѓаат на отмените општествени кругови. Притоа такви прости, недоделкани полни со некаква лажна отменост и лажно значење, се предмет за потсмев и подбив. Изразот покондирена тиква доаѓа од насловот на  комедијата на Јован Стерија Поповиќ од 1838. година. Во тоа свое дело Јован Стерија Поповиќ го исмева главниот лик Фема,  која, лудувајќи за „ноблесот“, се обидува да избега од својот занаетчиски (опинкарски) свет и да се пробие во повисоките општествени кругови.

За жал, ниту денес, речеси двесте години подоцна, не е ништо поразлично и покондирени тикви виреат како печурки по дожд, а модерните Феми можете да ги сретнете и препознаете во ликовите на многуте „бизнисмени“, новопечени богаташи, но и козметичарки, фризерки, маникири, педикири и други ебиветри кои срамејќи се од своето звање и „знање“ денес се нарекуваат стилисти, инфлуенсери и кој знае уште како. Не дека е срамно или потценувачки да се бавиш со овие работи, напротив, но не е овде во прашање нивната работа и наобразба, туку нивниот простотилак, умисленост и самопреценетост. Проблемот на овие покондирени тикви, модерни Феми е нивната забеганост, умисленост дека се тие посебен отмен слој на општеството, кому му е дозволено да се однесува безобразно, невоспитано, дрско и простачки со кого ќе стигне, мислејќи дека парите се мерило за личноста или во случајот на фризерките дека познатите ликови на кои им ги чешла и четка косите, ја прават неа поголема.

Покондирените тикви ќе ги препознаете по арогантниот и препотентен став, кој не е зародиш од аристократска лоза, туку од незнаење, глупавост, комплексот на помала вредност и суетност.

Покондирена тиква е всушност опинок кој се замислува дека е лакирано чевличе, заборавајќи дека калта сè уште ѝ стои на ѓоновите ѝ мириса од душата и ниту еден скапоцен парфем не го покрива.

Денес побрзо ќе закажете операција кај лекар или прием кај претседателот на Републиката отколку да закажете термин на фризер. Но и кога ќе закажете термин на фризер не сте баш сигурни дека ќе ја добиете услугата што сте ја закажале пред месец ипол. Можно е Фема фризерката, во нејзините мигови на покондиреност да ве пречека на врата и да ви каже дека нема да можете да ја добиете услугата која сте ја закажале пред месец ипол, затоа што пред две години сте ѝ откажале термин. Запрепастен клиентот од ваквата дрскост прашува зошто ова не и е кажано по телефон, а одговорот е уште позабеган, за да ти вратам на ист начин вели модерната Фема и се враќа во својот дуќан во Буњаковец, со странско име, кој таа го нарекува студио. Истиот миг почнува,  полна со себе, да им раскажува на присутните дека со неа нема „играње“ и како на госпоѓата ѝ одржала предавање, не сфаќајќи дека ја покажала својата некултура, својот сељачизам  и дека токму тие кои ја слушаат и ѝ се потсмеваат, ја раскажуваат и се мајтапат со неа. Грациозност со опинци не оди, ниту покондирена тиква со отменост, племенитост и воспитаност.

Иста таква Фема, иста тиква покондирена, само неколку километри подалеку, од својот фризерај, кај пазарчето Тафталиџе, по телефон и се дере и ја навредува својата муштерика која се усудила да ѝ откаже термин за шишање затоа што детето ѝ е болно и нема кој да го чува.

Трет пак самонаречен стилист, кој до вчера одвај преживувал од својата работа, почнува да ги омаловажува своите редовни муштерии без чија поддршка, а и пари немаше да биде она што е денес, ама тие му станаа обични, секојдневни, на подразбирање и неинтересни како што му се некои нови муштерии од џет-сетот ако таков воопшто има во Македонија. Ги заборава старите  алиштенца, празниот фрижидер и грстот неплатени сметки и помошта која му ја пружиле како на сираче во кое верувале дека вреди, може и заслужува. Најверојатно ќе се потсети кога џетсетерките ќе си заминат кај некој нов стилиста.

Еден друг таков стилист ѝ побарал на девојка за да ја среди за свадба во Кавадарци 50.000 денари со образложение дека тоа е негова дневница. За споредба еден доктор, еден судија имаат толкава плата колку што е дневницата на фризерот, и имаат едно десетина години повеќе школо отколку стилистот со фен и четка во рака.

Се носат бонбониери, чоколади, торти  на покондирениве тикви, се трпат нивните идиотизми и комплекси затоа што дојде време тие ебиветрите да станат од фризери фактор во општеството кој забегал и кој почнува да мисли дека е недопирлив. Тоа во нормална земја не е можно каде што функционираат инспекциите, каде што се регулирани и заштитени правата на потрошувачите и корисниците на услугите. За жал, кај нас сè е можно, кај фризерчиња да закажуваш како да закажуваш лет со шатл во вселената, ебиветри да станат инфлуенсери, лопови бизнисмени, подлизурковци и безрбетници политичари, а ситни души и кукавици да станат херои. Станавме општество оптимално погодно за гаење и одгледување на тикви и тоа оние од сојот на покондирени.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)