Ковачевски: Со добро менаџирање немаше криза за струја и топлинска енергија

40

Според генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, компанијата успешно ја завршила 2022 година, обезбедувајќи електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството, без, како што подвлекува, ниту еден ден рестрикции.

– Во 2022 година имаме зголемено производство за 27 проценти во споредба со претходната година. Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20 проценти споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зависноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително, во време на криза значително ги намалуваме трошоците за производство и непродуктивните трошоци. Така, успеваме да ја задржиме пониска цената на електричната енергија за граѓаните и малите бизниси, појаснува директорот на АД ЕСМ.

Според него, изминатиот период компанијата покажала дека со добро менаџирање може да обезбедат доволно количини на јаглен, мазут и природен гас.

Осврнувајќи се на топлинската енергија за Градот Скопје, Ковачевски оценува дека АД ЕСМ успешно се справува со обезбедувањето на потребните ресурси и испораката на топлинска енергија.

Тој најави дека во тек се подготовки за нови фотонапонски електрани во РЕК Битола, Тиквеш, Маврово и други локации.

– Се зголемува и капацитетот на Ветерниот парк во Богданци, а се подготвува и нов ветерен парк во Миравци. Во тек е третата фаза за ревитализација на хидропотенцијалот, а се очекува и успешна постапка за стратешки важната хидроелектрана Чебрен. Енергетската транзиција е во тек и засилено ќе ја продолжиме. Мора да се грижиме за нашето здравје, за здрава и чиста животна средина, подвлекува директорот на АД ЕСМ.