ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: КОЛЕКТИВНА (НЕ)СРЕЌА

317

Пристигна Новата година, а со неа пристигнаа ѝ надежта, желбите и очекувањата дека ќе биде подобро. Не постои поединец кој не се заинтересирал каква ќе му биде судбината во периодот што следува. Човекот е зависен од времето. Затоа најтипична форма на размислување му е „каква ќе биде иднината“. За остварување среќа, успех и хармонија, неопходно е да постои корелација помеѓу индивидуалната и колективната благосостојба.

Индивидуалната среќа е клучна за воспоставување колективното ниво на напредок и благосостојба. Колку луѓето се посреќни, толку општеството напредува. Поединецот кој се чувствува фрустрирано, негативно и несреќно многу тешко може да придонесе за туѓата среќа и за колективниот напредок. Затоа, клучно е самите себеси да се запрашаме: Што ме прави среќен и како да постигнам внатрешен мир, хармонија и позитивна енергија?!

Не постои поголемо задоволство од воспоставувањето мир со самите себеси и од акумулацијата на позитивната енергија. Откако ќе допреме до таквата духовна состојба, тогаш нашето срце ќе биде опфатено со љубов, а нашиот живот со хармонија. Во тој поглед, фокусот треба да биде насочен кон психофизичката балансираност (хомеостаза), креативното дејствување, позитивните релации со блиските, личниот развој и чувството на самовредност.

Проблемите и промените се клучни алатки на вечноста – тие никогаш не престануваат да дејствуваат. Сè во животот е подложно на промена, така што ако правилно управуваме со промените, тогаш успешно ќе се справуваме со проблемите. Како што кризата е шанса за отворање нови можности, така и промената е пат за создавање ново, посреќно јас. Без лични промени и подобрување на психофизичката состојба на личноста, илузорно е да се надеваме дека сè ќе биде добро. На колективен план долго време се бориме да преживееме наместо креативно да дејствување. Време е да ги препознаеме сопствените вредности и да престанеме да им робуваме на проблемите, туку да тргнеме кон позитивните промени. Едукацијата, духовниот развој, ослободувањето од погрешните матрици на размислување, дистанцирањето од негативните вибрации, справувањето со потиснатиот гнев и надминувањето на тагата, апатијата и несигурноста треба да претставуваат клучна цел за излез од личната и колективна криза. Махатма Ганди има кажано: Биди промената што сакаш да ја видиш во општеството!

Да се биде ранлив, исплашен и малодушен претставува смрт за духот и слабост на верата. Судбината се гради со силина на вербата, со фокус кон духовното и со креирање на позитивното. Постојаното стравување дека може да биде уште полошо, дополнително го актуализира и зајакнува лошото. Сè додека се плашиме од животот, ќе се плашиме и од смртта. Затоа, треба духовно да се пробудиме и да сфатиме дека нечестивата енергија ги држи луѓето во постојан стрес, страв, заспаност и несигурност.

Чувството за правда, солидарноста, толеранцијата, разбирањето и емпатијата се клучните категории на универзалната етика. Современиот начин на живеење наметнува сосема поинакви концепти на функционирање. Алчноста, раскалашеноста, егоизмот, агресивноста, површноста, партизираноста, непотизмот, манипулациите и заглупувањето се на цена, предизвикувајќи општо чувство на недоверба во другиот човек, но и во институционалниот апарат на државата.

Без оглед на лошите општествените околности, со оптимизам треба да тргнеме кон новите предизвици и да веруваме дека на крајот сè ќе биде добро. Моќта на умот и силната вера го трасираат патот до внатрешната среќа. Силната вербата создава чуда и отвора нови посреќни страници! Кога веруваме во сопствените вредности и правиме сè што е во наша моќ за да се извлечеме од кризата или за да ја постигнеме хармонијата, тогаш потенцијалите на успехот рапидно се зголемуваат. Како прва задача што треба да ја имаме на ум во новата година, е помалку да зависиме од надворешните фактори, а повеќе да се потпираме на сопствените сили.

Факт е дека општествените дејственици нè водат сметка за народот и ретко придонесуваат за колективното добро. Барањето другите да нè направат среќни, претставува илузија која нè прави уште понесреќни. Многумина се лажат себеси (веруваат во зборовите на политичарите) дека со завршувањето на лошата година, ќе започне голем препород во кој среќата и задоволството ќе ги надвладеат апатијата и фрустрацијата.

Едно е сигурно – ништо не е случајно и сè е производ на причинско-последичната законитост. Каузалитетот суптилно управува со човековите животи, потенцирајќи ја предвидливоста, но не и детерминираноста на случувањата. Значи, предвидливо е дека ќе пропаднеме доколку не внимаваме на општото добро; ги разграбуваме вредностите и ја негираме националната посебност; крадеме и ја уништуваме еко-средината; не работиме на вистинската едукација на младите; не инвестираме во здравствената заштита на населението; не практикуваме професионална должност и одговорност итн. Тогаш распадот на системот и уништувањето нема да произлезат од надвор, туку тие ќе бидат плод на сопствената рамнодушност, незаинтересираност, подјарменост и на релативизирањето на злото.

Дали таквата стварност е детерминирана (предопределена)? Секако дека не е, туку е резултат од неследењето на етичките начела и од немање чувство за колективната среќа и за националниот напредок. Затоа, освен пројавување желба нам (како индивидуи) да ни биде добро, неопходно е да посакаме и на општествен план да биде добро. Клучот е сите членови на заедницата да се почувствуваат среќни, исполнети и задоволни што придонесуваат и живеат во инклузивно општество. Инаку, неправдата и тесните интереси ќе предизвикаат голема горчина и ќе го интензивираат убедувањето дека само навидум сме на своето, а всушност сме под удар на туѓото (малцинството привилегирани).

За да не бидеме под удар на политичката стихија, треба да станеме самосвесни, да престанеме да развиваме робовски менталитет и почесто да читаме и размислуваме за нештата што ги предочуваат мислителите кои не се партиски полтрони и одработувачи на нечестивите креатори на општото мнение. Слепото прифаќање на сè што се сервира во јавноста, само ќе ја зголеми нашата несигурност, загубеност и подложност на лагите и манипулациите. Според религиозната етика, низ целото создание ние гледаме како дуалните сили на доброто и злото се противставуваат една кон друга: Бог ја создал љубовта, сатанската сила ја создала омразата; Бог ја создал несебичноста, сатанската сила ја создала себичноста; Бог го создал мирот, сатанската сила ја создала дисхармонијата.

Новата година нека биде поттик за заземање страна! Страната на која со својот дух, вера и национална традиција ѝ припаѓаме води кон мирот, поврзаноста, духовната будност, почитувањето и поврзувањето со луѓето на светлината, љубовта и хармонијата. Енвироментализмот смета дека животната (социјална) средина во голема мера зависи од формите на (не)човечкото однесување. Повеќето од луѓето носат во себеси одредени одлики на општеството. Врз какви вредносни постулати почива општеството, такви ќе бидат и членовите на заедницата. Доколку во општеството преовладува неправдата, алчноста, негативноста, корупцијата, зависта, гневот, немирот и заглупеноста, тогаш и свеста на луѓето ќе инклинира кон тие аномалии.

И покрај исклучително лошите состојби кои повеќе од 30 години се провлекуваат во нашето општество, сепак глобално гледано, сите ние живееме во светот на ниските страсти, на страдањето, на алчноста, на насилството, на стравот и на стресот. Особено младите се под удар на агресивните пориви и лошите определби – конфликтите да ги решаваат со насилни средства. Во претходната година бевме сведоци на повеќе такви настани, кои да се надеваме нема повеќе да се случуваат.

Многумина наоѓаат уживања во бучава, во брзо возење на автомобил, во егоизам и агресија, во нетрпеливост кон другите луѓе, во омраза или одбојност кон некоја посебна раса или група на луѓе и во негување на непријателски емоции кон различното. Човекот во кој повеќе нема насилство од кој било вид, максимално се разликува од негативците определени да ги повредуваат другите. Незадоволството од самите себеси, недостигот на љубов и емпатија и чувството на навреденост се едни од најголемите предизвикувачи на вербалните или физички насилства. Транзитот на планетата Јупитер во знакот на Овен, треба да ни помогне да допреме до личните незадоволства и до причините за агресивното однесување. Ако не ги неутрализираме негативните пориви, човештвото постојано ќе живее во неслога и во опасност од самоуништување.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)