„Кина е еден од столбовите на новиот светски поредок“: Орбан за посетата на Си Џипинг во Унгарија

368
EPA-EFE/Szilard Koszticsak HUNGARY OUT

Унгарија воспостави сеопфатно партнерство со Кина и ќе ја прошири соработката во нуклеарната индустрија и други области, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со кинескиот претседател Си Џинпинг во Будимпешта.

– Кина е еден од столбовите на новиот светски поредок – рече Орбан и додаде дека Унгарија ќе го поддржи кинескиот мировен план во Украина, пренесе Ројтерс.

Претходно, Си во разговор со унгарскиот претседател Тамаш Суљок рече дека соработката меѓу Кина и Унгарија се заснова на меѓусебно почитување и доверба.

Тој посочи дека неговата земја е подготвена да го подобри развојот на врските со Унгарија на високо ниво и нагласи дека пријателството меѓу двете земји не е таргетирано или диктирано од трета страна.

– Вистинските пријатели ќе ги препознаете во тешките времиња – рече Си, цитирајќи една унгарска поговорка.

Претседателот на Кина, Си Џинпинг, и неговата сопруга Пенг Лијан претходно денеска беа свечено пречекани со воени почести во замокот Буда во Унгарија.

Суљок, Орбан и нивните сопруги ги поздравија Си и неговата сопруга пред воената церемонија на вториот ден од нивната официјална посета на Унгарија.

Си и Суљок потоа ја следеа свечената парада на церемонијалниот баталјон на унгарските вооружени сили, Националната церемонијална коњаничка единица и полкот на грофот Ференц Надашди Хусар. По парадата, претседателот Суљок ги прими Си и кинеската делегација во палатата Шандор.

Си до утре ќе престојува во официјална посета на Унгарија, по повод одбележувањето на 75-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји.

Си отпатува за Унгарија по завршувањето на посетата на Србија на 7 и 8 мај, како дел од неговата европска турнеја, во чии рамки беше и во официјална посета на Франција.