И ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ОД ОДЛУКАТА, НОВИТЕ ВИЊЕТИ ГИ НЕМА ВО СООБРАЌАЈ  – „НМК“ налепниците за возилата чекаат во Службен весник!

Откако пред две недели, на владина седница, беше усвоена информацијата предложена од Министерството за внатрешни работи, со која се одлучи наместо нови таблички, на возилата да се ставаат налепници со ознаката „НМК“, а сè со цел да се поштедат граѓаните од дополнителни трошоци, тие никако да го видат светлото на денот. Во моментов, правилникот е доставен до „Службен весник“ и штом биде објавен, ќе се знаат прецизните термини, информираат за весникот ВЕЧЕР од МВР

196

Откако пред две недели, на владина седница, беше усвоена информацијата предложена од Министерството за внатрешни работи, со која се одлучи наместо нови таблички, на возилата да се ставаат налепници со ознаката „НМК“, а сè со цел да се поштедат граѓаните од дополнителни трошоци, тие никако да го видат светлото на денот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека граѓаните ќе ги добијат налепниците со новата ознака откако ќе биде објавен правилникот во „Службен весник“, каде што е веќе доставен.

– Прецизните термини ќе бидат утврдени по излегувањето во „Службен весник на РСМ“ на правилникот за измена и дополнување на правилникот за формата и содржината на барањето за издавање пробни таблички, формата и содржината на регистарските таблички и на пробните таблички на возилата, како и начинот и постапката за нивно издавање. Во моментов, правилникот е доставен до „Службен весник“ – информираат за весникот ВЕЧЕР од МВР.

Оттаму посочуваат дека налепниците со ознаката „НМК“ ќе треба да ја препокријат старата ознака, додека, пак, вадењето нови сообраќајни дозволи воопшто не зависи од промената на ознаките на табличките, туку од рокот на важност на самата дозвола или од промената на постојниот регистарски број.

Откако ќе биде објавен правилникот во „Службен весник“, наместо нови регистарски таблички со ознаката „НМК“, сопствениците на возилата ќе користат налепница со таа ознака на постојните регистарски таблички.

Со ваквата одлука, Владата одлучи да ги поштеди граѓаните и транспортните компании од дополнителни трошоци за нови регистарски таблички и за нови документи.

– Во оваа насока е предвидено ставање налепници со ознаката „НМК“ на возилата што имаат таблички со ознаката „МК“, со што ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, кои се поврзани со бројот на регистарската табличка. Поставувањето налепници со ознаката „НМК“ на регистарските таблички ќе биде олеснување и за транспортерите што патуваат во Европската Унија. На овој начин, тие имаат можност да ги задржат постојните таблички на транспортните возила, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ, што ќе се појави како потреба доколку ги сменат постојните регистарски таблички со нови таблички во нашата држава – соопштија од МВР.

Но, покрај оваа одлука да не се заменуваат регистарските таблички со нови, сепак, граѓаните од свој џеб ќе мора ја платат замената на сите лични документи до февруари идната година со новото име на државава, како законска обврска што произлегува од Преспанскиот договор со Грција. П.Ч.