Пенов: Централната власт треба да ги поттикне општините да ги користат средствата од ЕУ

Додека општините се жалат дека политиката директно и индиректно се меша во реализација на проектите на локално ниво, граѓаните сметаат дека „алката што фали меѓу централната и локалната власт е граѓанскиот сектор“

66

Со кафе-дебатата на тема „Локални иницијативи за глобални чекори“, која се одржа денеска во кафулето „Тренд“ Европското движење (EMMK) го рестартира циклусот дебати „Кафе Европа“ што беше прекинат поради короната, а на кои се дебатираше на значајни и актуелни теми поврзани со членството на нашата држава во ЕУ.

Темата за развојот на локалните заедници е избрана, бидејќи тоа е значајно прашање на патот на Македонија кон Европската Унија, особено поради фактот што во македонската реалност меѓу централната и локалната власт се чувствува голем расчекор. Затоа, на маса седнаа да дебатираат претставници на двете страни, но и на дипломатскиот кор и на граѓанскиот сектор.

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, информираше дека дури 70 отсто од европските политики и насоки се имплементираат преку локалната самоуправа, што значи дека тој сегмент е прилично силно изразен во земјите членки на Европската Унија.

– Ние сме се уште во рана фаза од вистинската децентрализација, иако законски сме функционално децентрализирана држава уште од 2005 година. Нашиот проблем е финансиската децентрализација, каде се уште 70 отсто од приходите на општините се државни – рече Пенов.

Според Пенов, централната власт ја има одговорноста да ги поттикне локалните едници да ги користат средствата кои Европската Унија ги нуди за проекти.

– Иако многу проблеми и проекти се реализирани преку европските иницијативи и европски пари и донации, тоа не треба да се земе здраво за готово, и да мислиме дека така лесно ќе може да влеземе во Унијата, туку треба уште повеќе да се трудиме за да ги заслужиме таквите финансии – додаде Пенов.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, рече дека во суштина имаме сиромашни општини и главниот фактор што влијае врз сите овие процеси и предизвикува директна штета на општините, е моментот на постојаното мешање на политиката во начинот на реализација на проектите на локално ниво.

– Кога партијата која стои на чело на централната власт се разликува од партијата на локалната самоуправа, се знае дека владата по лични чувства одлучува во која општина што да инвестира, а не се размислува за тоа што е логички потребно. На пример, во некои општини ургентно е потребна изградбата на градинки, но Владата одбира да инвестира во други проекти што не би требало да имаат толкав приоритет –  рече Ѓорѓиевски.

Според него, треба заеднички да се договара за тоа кои средства каде ќе одат, а со оглед на тоа што министерот Пенов е поранешен градоначалник на Град Скопје, секако е добро запознат со проблемите на локалните самоуправи што е добар потенцијал за идни можни договори меѓу министерството и општините.

Словачкиот амбасадор, Хенрик Маркуш, пак, предложи локалната самоуправа да се фокусира и на развојот на туризмот.

– Еден од туристичките сегменти на кои треба да се работи е велосипедизмот, за кој има голем потенцијал. За да може да се развие ваквата идеја и таа да се реализира, треба да одите дел по дел, но да не се откажувате. Македонија има аматерски велосипедски клубови што е опција за локалните самоуправи да се поврзат со нив и да воспостават соработка што ќе привлече туристи – рече Маркуш.

Катица Јанева од граѓанското здружение АЛДА, кое работи на имплементација на европски проекти, смета дека во оваа држава е развиена „култура на критикување на проблеми, но нема развиено култура на нивно решавање.

– Алката што фали е граѓанскиот сектор, кој треба да биде нишка меѓу централната и локалната власт. Да се биде градоначалник е една од најтешките политички функции, затоа што е во судир со секојдневни проблеми на граѓаните, но и со немањето пари. Општините на сметките немаат пари, но тие пари постојат само не ги користиме. Ги знаеме причините но никој не инвестира во нивното решавање. Граѓаните се бесплатен потенцијал за една општина, кои ретко се консултирани, а дури и да бидат консултирани тоа е само формално и сведено на критика, а никогаш долгорочно и со поставување предлози кои ќе бидат прифатени – рече Јанева.  

Според неа, комплексното глобално општество бара и комплексно владеење, па затоа граѓаните не треба да бидат исклучени.

– Многу општини се нафаќаат за работа со европски проекти, но кога ќе се соочат со нив, се откажуваат, што докажува дека треба да се вработат повеќе искусни луѓе, или да се луѓе од аутсорсинг компании, кои знаат да го прават тоа – истакна таа.