„И жега и река“ – нова книга на Кочо Топузоски

44

Издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје ја објави книгата „И жега и река“ од поетот Кочо Топузоски, претставник на четвртата генерација во повоената македонска литература.

„И жега и река“ претставува богат избор од досегашниот опус на Топузоски, пропратен со критики и есеи од проследувачите на неговото творештво.

Кочо Топузоски е автор на поетските книги „Ноќни делби“, „Болна прелест“, „Препознавања“, „Посланија и риданија“ и „Нафора мугреница“. Објавил и поголем број историографски дела. Поезијата на Кочо Топузоски застапена е во повеќе избори, панорами и антологии на современата македонска поезија, меѓу кои „Поети од Македонија родени во слободата“ (составувач Петар Т. Бошковски) и „Современа македонска поезија“ (составувач Веле Смилевски).

Негови стихови се преведувани на француски, англиски, руски, српски, бугарски, албански и влашки јазик. Во два мандата беше член на претседателството на Друштвото на писателите на Македонија и секретар за меѓународна соработка на македонската писателска асоцијација.