Иран: Договорот меѓу Израел и ОАЕ е нож во грбот на сите муслимани

32

Министерството за надворешни работи на Иран остро го осуди историскиот договор за воспоставување целосни дипломатски односи меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел, оценувајќи дека тоа нож во грбот на сите муслимани.

Во соопштението од Министерството, Иран го нарече нормализирањето на односите меѓу двете земји – опаснана, „срамна“ мерка и ги предупреди ОАЕ против мешањето на Израел во „политичката равенка“ во регионот на Заливот.

„Владата на ОАЕ и другите придружни влади мора да прифатат одговорност за сите последици од таа акција“, се вели во соопштението.

Иран оцени дека воспоставувањето дипломатски односи меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати ја открива „стратешката глупост“ на двете држави и смета дека тоа „несомнено ќе ја зајакне оската на отпорот во регионот“.

Историскиот договор ќе овозможи целосна нормализација на дипломатските односи меѓу двете земји, а тој беше постигнат со посредство на Соединетите американски држави и претседателот Доналд Трамп. Аналитичарите оценуваат дека мировниот договор му носи политички поени на Трамп пред ноемвриските претседателски избори во САД.

ОАЕ се првата заливска земја која тоа го стори и трета арапска која има дипломатски односи со Израел, после Египет и договорот од 1979 и Јордан во 1994 година. Во 1999 годиина и Мавританија го призна Израел, но дипломатските односи ги прекинаа во 2009 година поради војната во Газа.

САД, ОАЕ и Израел вчера издадоа заедничко соопштение, во кое најавуваат дека делегации на двете земји во следните недели ќе потпишат договори за директни летови, безбедност, телекомуникации, енергетика, туризам и здравствена грижа.

Според договорот, Израел вети дека ќе го запре суверенитетот врз областите на Западниот Брег што се предмет на анексија.

Палестинското исламистичко движење Хамас, кое управува со Појасот Газа, оцени дека нормализацијата на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати „не помага на палестинската борба“ и дека тоа е „бланко чек“ за продолжување на израелската „окупација“.

– Го отфрламе и осудуваме договорот. Тој не помага на палестинската борба и ние го сметаме за продолжение на негирањето на правата на палестинскиот народ, рече портпаролот на Хамас, Хазем Касим.

Договорот предвидува, исто така, давање поголем пристап на муслиманите до џамијата Ал Акса во Стариот град Ерусалим, како и можност за летови од Абу Даби кон Тел Авив, но исто така, Обединетите Арапски Емирати и Израел ќе ја прошират и забрзаат соработката во лекувањето и развојот на вакцина против новата коронавирус.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вчера го поздрави договорот, оценувајќи дека секоја инацијатива која придонесува за мир на Блискиот исток заслужува пофалба.

Во преговорите учествуваа зетот на Трамп и постар советник Џаред Кушнер, американскиот амбасадор во Израел Дејвид Фридман и претставникот за Блискиот исток Ави Берковиќ, како и државниот секретар на САД, Мајк Помпео и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан.

„Овој историски дипломатски чекор напред ќе придонесе за мирот на Блискиот исток и е сведоштво за дипломатијата и визијата на тројцата лидери и храброста на Обединетите Арапски Емирати и Израел да започнат нов пат што ќе ја отвори вратата за големиот потенцијал на регионот“, се вели во соопштението на Белата куќа.