Прв синдикат, основан пред еден век, во близина на хотелот „Гранд“ , членувале шивачки, бербери, чевлари…

ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „100 ГОДИНИ СИНДИКАЛНО ДВИЖЕЊЕ ВО ШТИП“   

50

Во април 1923 година, во Штип бил основан првиот синдикат на ниво на град. Синдикалната организација во Штип ги обединила следниве подружници (секции): шивачки, берберски, чевларски, столарски, пекарски и др. Седиштето на Синдикатот било во просторија близу хотелот „Гранд”, каде што се читала револуционерна литература и се договарале наредните активности. Првите организирани активности на Синдикатот во градот биле во април 1924 година, кога го организирал првиот штрајк на шивачките и на чевларските работници, а Први мај за првпат бил одбележан со голем првомајски протест

 

Организираниот синдикален живот во Штип има едновековна традиција и неговата појава, всушност, е израз на борбата за социјална правда и за подобрување на економско-социјалната положба на работниците во градот и пошироко. Во април 1923 година, во Штип бил основан првиот синдикат на ниво на град. Синдикалната организација во Штип ги обединила следниве подружници (секции): шивачки, берберски, чевларски, столарски, пекарски и др. Седиштето на Синдикатот било во просторија близу хотелот „Гранд”, каде што се читала револуционерна литература и се договарале наредните активности. Прв претседател на Синдикалната организација во Штип бил Тодор Аџитомов. Првите организирани активности на Синдикатот во градот биле во април 1924 година, кога го организирал првиот штрајк на шивачките и на чевларските работници, а Први мај за првпат бил одбележан со голем првомајски протест.

По тој повод, на 16 април годинава, во Штип беше промовирана монографијата „100 години синдикално движење во Штип – 1923-2023” од авторите проф. д-р Андон Мајхошев од Правниот факултет и проф. д-р Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при УГД – Штип. Промотори на студијата беа проф. д-р Лазар Јовевски и проф. д-р Билјана Тодорова.

– Повод да ја напишеме монографијата е да го одбележиме едновековното постоење на синдикалното живеење и дејствување во Штип. Во книгата, синдикалното и работничкото движење се опишани во три историски периоди: 1918-1944 (периодот меѓу двете светски војни), 1945-1990 (социјалистичкиот период) и 1991-2023 година (транзицискиот период). Бидејќи станува збор за долг период, наидовме на историски празнини и историски дисконтинуитет. Сите текстови и научни трудови што претходно биле пишувани за Синдикатот, се однесувале на кратки периоди, кои немале историска поврзаност во континуитет. Морам да истакнам дека во нашето истражување наидовме на проблеми како, на пример, недостиг на литература и историски документи од одделни временски периоди. Овој проблем го премостувавме преку пронаоѓање живи учесници во одредени настани, кои автентично ни ги опишуваа настаните, особено настаните по 1950 г. Истражувачка база ни беа книгите, списанијата и весниците од роднокрајното одделение на Националната библиотека „Гоце Делчев” – Штип и документите депонирани во Државниот архив на Македонија – регионално одделение во Штип – вели проф. Мајхошев.

Рецензентите, а воедно и промотори на книгата, проф. д-р Лазар Јовевски и проф. Билјана Тодорова, на промоцијата истакнаа дека книгата има непроценлива историска и научна вредност, бидејќи во неа темелно и научно се опишани најважните историски периоди во развојот и предизвиците на синдикализмот во Штип, засновани на историски факти и вистини и дека книгата има огромно значење и историска вредност за градот и за синдикалните состојби, гледано низ историско-хронолошка рамка.

Книгата содржи 383 страници на кои има: 100 фотографии од сите историски периоди; селектирани оригинални документи на органите и телата на Синдикатот во Штип, штрајкувачките одбори; прилози за составот на органите на Општинскиот, Околискиот и на Регионалниот синдикален совет во Штип, во периодот од 1955 до 2023 година; прегледи на одржаните штрајкови и протести по претпријатијата, установите и годините на нивно одржување, како и 20 табели од кои може да се видат тенденциите на одредени општествено-економски и социјални процеси и појави во Штип и во државава.