Американскиот државен секретар Ентони Блинкен накратко денеска остана во Давос откако неговиот авион доживеа „критичен дефект“.
Во Швајцарија е упатен втор авион да го врати назад, јавува Ројтерс повикувајќи се на службата за медиуми на Блинкен.
Највискиот американски дипломат отпатува во понеделникот во Давос на годишниот Светски економски форум и требаше денеска да се врати во Вашингтон.
Во извештајот на Блумберг се наведува дека станува збор за авион „Боинг“, а Ројтерс наведува дека не можел веднаш да потврди кој авион го користел Блинкен на тоа патување.
Блинкен со хеликоптер замина од Давос во Цирих, каде што се качи во својот авион, но тогаш бил известен дека авионот не може да го врати назад.
На членовите на пресот кои патуваа со него и негвоите помошници им беше кажано да се договорат за да можат со комерцијален лет да се вратат во Вашингтон, пренесува Ројтерс.