Стартот на новата натпреварувачка сезона во Првата кошаркарска лига сеуште е неизвесен, а тоа предизвикува големо нетрпение и револт меѓу играчите, кои сега преку официјално гласило кое го споделија до медиумите испратија јасна порака до раководството на Федерацијата.

  • Клубовите од кошаркарската Прва лига се максимално разочарани и пред сѐ револтирани што иако веќе се ближи крајот на октомври, првенството сѐ уште не е почнато, поради што штета трпиме сите. Не можеме да сфатиме како во цела Европа може да се игра кошарка, некаде дури и со публика, а во Македонија може да се игра фудбал, ракомет, одбојка, додека само кошаркарските тимови сѐ уште мора да седат со празни раце. Клубовите се најголеми губитници во оваа ситуација, а веднаш потоа и кошаркарите, кои ако нема првенство би можеле да останат без својата егзистенција. Поради сето ова, од Перо Антиќ, како прв човек на македонската кошарка и од неговите најблиски соработници, бараме најдоцна до среда да излезат со конкретно решение за тоа кога би почнало првенството во Првата лига и на кој начин – нормално или турнирски. Во спротивно, само ќе ја потврдат својата неспособност, поради што ќе побараме од нив да си поднесат оставки и да остават простор на нивно место да дојдат поспособни кошаркарски работници. Работата е „нож до коска“. Време за чекање нема. Сите сакаме да има кошарка. И ние клубовите, самите кошаркари и спортската јавност. Господине Антиќ, вие сте на потег. Решете го проблемот до среда или – одете си од КФМ!, се вели во соопштението.