Голема акција на Кеј 13 Ноември – уловени непрописно паркирани возила

44

Инспекторатот на Град Скопје денеска, од рано наутро, спроведува акција за санкционирање непрописно паркирани возила на јавната површина на кејот „13 Ноември“, на потегот од хотелот „Холидеј ин“ до плоштадот „Македонија“.

Како што информираат од Градот, на овој потег се забележани поголем број несовесни возачи кои го злоупотребиле јавниот простор за да ги паркираат своите возила, иако на оваа локација паркирањето е забрането.

– Затекнатите прекршители се опоменати и им е изречена глоба. Досега се изречени 21 глоба-соопштија градските власти.

Тие додаваат дека во законски предвидениот рок од седум дена прекршителите ќе треба да подигнат платен налог од Инспекторатот на Град Скопје и да извршат уплата од 50 евра, во денарска противвредност,  колку што изнесува глобата за овој прекршок. За овој тип прекршоци, глобата не може да биде заменета со општокорисна работа.

-Во денешната акција е вклучена и пајак службата која ги подига возилата чии сопственици не се затекнати на местото. Акцијата за санкционирање непрописно паркирани возила на кејот „13 Ноември“ се спроведува во соработка со Општина Центар и ќе трае континуирано, подолг временски период-потенцираат од Градот.

Оттаму апелираат до граѓаните своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта во градот, да го почитуваат комуналниот ред и поставената сигнализација и да ги чуваат јавните површини. Целта е да се одржува редот и хигиената на јавниот простор и да се стави крај на ваквите грди слики низ градот.