Дејвид Гир: Владеењето на правото е клучно во преговорите со ЕУ

Потребни се реформи во сите области, особено во владеењето на правото, е првата порака што ја испрати новиот евроамбасадор во Македонија, Дејвид Гер. Гер ја потенцираше и важноста на добрососедските односи и истакна дека договорите за добрососедство со Бугарија и договорот од Преспа со Грција треба да се почитуваат добронамерно. Премиерот Заев, пак, порача дека целта на македонските власти е да ја активираат брзата трака на преговорите и нема да дозволат да има причини за нови одлагања за почетокот на преговорите со Македонија. Заев рече дека оптимизам влеваат сигналите од нашите европски партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнувања во фазата на завршните преговори. Заев најави дека не подоцна од 10 ноември ќе има средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов и дека до тој период, кога се одржува Берлинскиот процес, каде што Скопје и Софија се заеднички домаќини, ќе има придвижување во однос на отвореното прашање за Гоце Делчев.

204

Македонија е пример за целиот регион, но сепак, потребно е да се реформираат сите области, особено владеењето на правото што е еден од клучните кластери во преговорите според новата методологија за проширување на ЕУ. Ова поглавје ќе биде отворено прво, а последно ќе биде затворено. Тоа значи дека земјата ќе мора да одржи постојани напори во сферата на владеењето на правото до крајот на самите преговори, порача денеска новиот евроамбасадор во Македонија, Дејвид Гир, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев. Евроамбасадорот рече дека е потребно да се продолжат реформите и во одржување на демократијата и одбраната на човековите права, заштитата на животната средина и одржлива и динамична економија.

-Мандатот на новата Влада, како и мојот мандат како шеф на Европската делегација во Северна Македонија, започнува во време во кое што сите едвај чекаме да започне формалниот почеток на преговарањето на земјата со ЕУ на владината конференција. Да потсетам дека земјата во оваа фаза на процесот на интеграција во ЕУ веќе постигна многу кога станува збор за реформите, но исто така и во смисла на решавање на билатералните спорови со соседите кога признаваме дека Северна Македонија е пример за целиот регион, подвлече Гир.

Гир ја потенцираше и важноста на добрососедските односи и истакна дека договорите за доброседство со Бугарија и Преспанскиот со Грција треба да се почитуваат добронамерно. Добрососедството, рече тој, е исто така е дел од процесот на проширување, како што е и процесот за стабилизација и асоцијација. Евроамбасадорот не одговори конкретно на прашањето дали освен Бугарија и некои други земји-членки имаат забелешки на Преговарачката рамка, но истакна дека дискусиите ќе продолжат и откако ќе се усвои преговарачката рамка ќе се случи меѓувладината конференција, со што и официјално се означува почеток на преговорите со Европската Унија.

-Не сум во позиција да зборувам за внатрешните дискусии, кои се водат во Советот по ова прашање. Да ги погледнеме важните прашања. Одлуката да се почнат преговорите за Северна Македонија беше донесена во март, ова беше историски настан, потоа Европската комисија ја изложи нацрт преговарачката рамка, која беше дискутирана од земјите-членки, кои што требаше да се согласат околу неа и потоа треба да се усвои и да се одржи првата меѓувладина конференција. Се надеваме дека ова ќе се случи што поскоро и потоа треба да ги засукаме ракавите и да продолжиме со реформскиот процес, да ги забрзаме напорите, кои што веќе се прават во насока на постигнување на целта – пристапување во ЕУ. Во моментов Германија претседава со ЕУ, и оттаму велат дека првата меѓувладината конференција ќе се одржи до крајот на годината, рече евроамбасадорот Гир.

Премиерот Заев, пак, порача дека целта на македонските власти е да ја активираат брзата трака на преговорите по поглавје со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда и нема да дозволат да има причини за нови одлагања за почетокот на преговорите со Македонија. Заев рече дека оптимизам влеваат сигналите од нашите европски партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнувања во фазата на завршните преговори.

-Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство. Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности, рече Заев.

Премиерот најави дека првата официјална посета како премиер новата Влада очекува да биде на Бугарија, каде што со премиерот Бојко Борисов ќе разговараат за Гоце Делчев. Заев очекува дека посетата ќе се одржи пред закажаното одржување на Берлинскиот процес на 10 ноември, со кој заеднички претседаваат Македонија и Бугарија.

Гоце Делчев е македонски револуционер, но и Бугарите го сметаат за бугарски

На новинарско прашање што лично мисли, дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин, Заев рече дека Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер.

-Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер. Факт е дека имаме наш град што се вика Делчево, во Бугарија има град Гоце Делчев, имаме споменици во Северна Македонија и во Бугарија. Заедно со премиерот Борисов се поклонивме во Благоевград на споменикот на Гоце Делчев, но и заедно се поклонивме и на гробот на Гоце Делчев овде во Скопје, и реалноста и фактите се тие, рече Заев и истакна дека низ историските личности треба да гледаме основа за градење на уште поголемо пријателство и соработка помеѓу двете земји и двата народа и оти не е добро како за европската иднина на Балканот, така и за регионот на Југоисточна Европа, историските моменти да се избегнуваат и се ставаат „под тепих“.

Писмото до Вартоломеј не е дефокус од Гоце Делчев

Потребно е да продолжи фокусот на решавањето на прашањето за Црквата, истакна премиерот Зоран Заев денеска во врска со писмото до вселенскиот патријарх Вартоломеј, во кое уште еднаш бара од него да се заложи за признавање на афтокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Заев истакна дека писмото до Вартоломеј не е никаков дефокус од прашањето со Бугарија.

-Прво сметаме, во координација со МПЦ којашто ја консултиравме дека по завршувањето на изборите во Република Северна Македонија, дека е добро да испратиме писмо до светскиот патријарх Вартоломеј за да продолжи фокусот на решавањето на ова прашање. Како што знаете, јас и тогашниот премиер Оливер Спасовски, сегашен министер за внатрешни работи, направивме на почетокот на годината посета на Истанбул и на Патријаршијата каде што разговаравме за ова прашање и навистина во содржината на писмото го гледате тој повик, рече Заев.

Заев во писмото потсетува на нивната средба во Истанбул на која беше побарана асистенција и заложба на вселенскиот патријарх за Македонската православна црква – Охридска архиепископија да биде признаена како автокефална и да биде примена во заедницата на помесните православни цркви. Пред два дена писмо до вселенскиот патријарх во кое се бара признавање на афтокефалниот статус на МПЦ-ОА упати и претседателот Стево Пендаровски. (В.С.Н.)