„Инспирирана за оваа изложба бев од облеката на која има натписи. Впрочем, има многу таква облека во продавниците, но ретко тие написи се на нашиот македонски јазик. Токму затоа сакав да направам една мала провокација со пораки на кирилично писмо и македонски народни мудрости“, вели за весникот ВЕЧЕР, уметницата Славица Танеска

Малиот салон на галеријата „Ко-Ра” во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, завчеравечер беше исполнет со голем број љубители на уметноста и дизајнот кои со голем интерес дојдоа да ја проследат деветтата самостојна изложба на м-р Славица Танеска, насловена „Македонска мисла“. Насловот на оваа поставка не е случаен и како што посочува и самата авторка „главната цел беше промоција на македонскиот јазик и кириличното писмо“.

„За оваа изложба бев инспирирана од облеката на која има натписи. Впрочем има многу таква облека во продавниците, но ретко тие написи се на нашиот македонски јазик. Токму затоа сакав да направам една мала провокација со пораки на кирилично писмо и македонски народни мудрости“, вели за весникот ВЕЧЕР, уметницата Славица Танеска, која во своите проекти во континуитет е посветена на афирмацијата на традицијата.

Таа додава дека оваа изложба беше наменски подготвена, во рамки на конкурсот на Министерството за култура ’Цртај на македонски’.

„Станува збор за продолжување на успешното презентирање на минатогодишната истоимена групна изложба на ДЛУМ, чиј бев учесник“, посочува Танеска.

Според Танеска се работи за типографски дизајни, во кој се вметнуваат и илустрации, а текстовите се македонски народни мудрости, кои се аплицирани на парчиња облека, бидејќи како што ја носиме облеката на нас, така ги носиме и традицијата и македонските мисли во нас.

Преку овие дизајни, авторката има за цел и да го доближи македонскиот јазик до младите, тинејџерите и сите оние кои ги следат модните трендови, со тоа што ќе им понуди нешто уникатно и ново од страна на дизајнот и презентацијата, а старо и изворно преку народни мудрости.

„Делата се уникатни, пред сè, по тоа што се многу поразлични од сè што до сега сум работела. Овде главниот елемент во цртежот е буквата, односно типографијата. Од неа произлегуваат цртежите, илустрации и дизајни.

Македонската традиција треба да биде столбот врз кој ќе градиме, пред сè уметниците мора да ја познаваат многу добро за да можат да ја искористат во денешен и современ контекст. За поздравување се автори кои се инспирирани од неа во своето творештво, но за жал морам да потенцирам дека новите генерации не се доволно запознати. Токму една од причините за оваа изложба е и да повлијаам на нив со оглед на тоа што во моментов сум асистент на Факултетот за Арт и дизајн на Европски универзитет – Скопје“, вели Танеска.

На оваа изложба на м-р Славица Танеска ќе бидат претставени дваесетина дела.

„Делата всушност спаѓаат во применета уметност,  односно типографски дизајни на облека. За изработка користев бои и пасти за текстил кои може да се перат, за облеката да може понатаму да се носи и така да продолжат да живеат овие натписи и по изложбата“, вели уметницата, според која преку оваа изложба се  подигнува и еколошката свест, бидејќи повеќето дизајни се на веќе носена и рециклирана облека, но облеката добива свежина и нов изглед.

Магистер Славица Танеска има дипломирано и магистрирано сликарство на ФЛУ при УКИМ како првенец на генерација. Во моментов работи како асистент на факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет. Учествувала на 55 групни изложби во земјава и странство. Автор е на книгата „Траги на времето – низ 100 селски брсјачки градби во Македонија“. Има објавено 60 епизоди на детскиот стрип „Марсо Марсоски“. Застапена е во голем број домашни и странски каталози. Досега, има јавно презентирани повеќе од 500 дела. Учесник е на повеќе ликовни колонии и добитник на многу награди, застапена е во монографии и научни списанија.

Во поставката се вклучуваат и група студенти од Факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет каде што м-р Славица Танеска е асистент по предметите од ликовна уметност и дизајн. На тој начин проектот има и едукативна вредност.

Изложбата, која е отворена на 21 мај, во Галерија КО-РА ќе трае една недела. (Д.Т.)