Олимписките игри ќе бидат вистински кошмар за секој што планира да патува во Париз и да го следи најголемиот спортски настан во светот. Оние кои ќе имаат среќа да купат билети за натпреварите ќе наидат на еден огромен проблем – да најдат сместување.

Цените во париските хотели се генерално екстремно високи, а особено растат како што се приближуваат Игрите.

Истражувањето на Париската туристичка агенција покажува дека цените на хотелското сместување за време на Игрите ќе бидат за повеќе од 300 отсто повисоки во споредба со она што требаше да се одвои за ноќевање во париски хотел минатото лето, пренесува „Ројтерс“.

  • Сакаме што повеќе луѓе да дојдат на Игрите, но тие не можат да бидат популарни ако треба да платите 700 евра за една ноќ, вели Фредерик Хокард, заменик-градоначалник задолжен за туризам и ноќен живот во Париз.

Во оваа организација не се задоволни од одлуката на голем број хотели да не ја отворат можноста за резервации за времетраењето на Игрите (26 јули – 11 август).

  • Околу 66 отсто од хотелите сè уште не можат да се резервираат за периодот на Игрите. За едно ноќевање во хотел во јули 2023 година ви требаа околу 169 евра. Очекуваме дека во исто време во 2024 година ќе бидат потребни околу 699. За хотелите со две ѕвезди очекуваме зголемување од 366 отсто, а за хотелите со три ѕвезди зголемувањето би можело да биде и до 475 отсто, се вели во соопштението на Париската туристичка организација.

Париските власти се свесни што значи тоа.

  • Луѓето ќе земат сместување во Нант, Лил или Рен за 200 евра, а потоа ќе одат со воз до Париз. На тој начин можат да заштедат пари. За време на Игрите во Лондон (2012) цените во хотелите беа толку високи што имаше пад во деловното работење од околу 12 проценти за истиот период во однос на претходната година. Не можеш тројно да ја зголемиш цената на сместувањето. Можеби можеш да одиш со 10-15 проценти повисоки цени, но не може повеќе, вели Хокард.

Но, и таа опција можеби нема да им биде достапна на туристите бидејќи се очекува донесување на нов закон за издавање станови и апартмани.

Според сегашниот закон, граѓаните можат да ги изнајмуваат своите станови за максимум (вкупно) 120 дена годишно преку системот „Airbnb“.

  • Околу 20.000 домови се издаваат незаконски во текот на годината. Мораме да најдеме начин да го почитуваме овој закон и да ги направиме строги санкциите, додава Жак Будрије, заменик-градоначалник задолжен за станбени прашања.

Новиот закон ќе излезе пред Собранието на 28 ноември и треба да воведе построги казни за оние кои незаконски ги издаваат своите домови.

Од 2021 до 2023 година на оние за кои е докажано дека незаконски издавале станови се казнети вкупно 6,5 милиони евра.