Заев се гледал со второосомничениот кога се сретнувал со Ник од Австралија

240

Не смее да се дозволи никој да биде амнестиран, е клучната порака која ја испрати еврокомесарот Јоханес Хан при неговата посета на Македонија. Истрагата треба да продолжи, без разлика дали ќе води до обвинители или политичари, заеднички констатираа премиерот Зоран Заев и еврокомесарот, осврнувајќи се на случајот „Рекет“ за кој веќе е покрената истражна постапка.

-Нашата црвена линија е дека секое решение мора да земе предвид оти не може во транзициската фаза да има изгубени случаи. Никој не смее да биде амнестиран од целиот процес поради неспособноста да се исполнат одредени рокови. Затоа тоа мора да се гарантира. Така ние го гледаме владеењето на правото, рече Хан.

Премиерот Заев дополни дека во извештајот за напредокот на земјата ЕУ потврди дека земјата стопроцентно ги исполни препораките за реформи во правосудството, борбата против организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација, но дека треба да продолжиме да работиме на владеење на правото и да го јакнеме амбиентот за независноста на правосудството за ефикасна борба против криминалот и корупцијата.

– Пораката е дека никој нема да биде привилегиран и амнестиран, го охрабрувам Јавното обвинителство да ја продолжи постапката за „рекет“ без разлика до кого ќе стигне. Дефинитивно конкретниот случај на борба против криминалот и корупцијата, случајот „Рекет“, незаконската продажба на тутун, шпанските скали, покажуваат одлучна и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, без разлика дали ќе водат кон обвинител, политичар, или газда на медиум, никој не може да биде изземен пред законот – рече Заев.

По средбата со еврокомесарот, Заев уште еднаш и од собраниската говорница ги повика сите оние кои имаат аргументи за некаков рекет, тоа да го пријават кај надлежните органи.

– Многу дрско се злоупотребува говорницата за да се лиферуваат теми и да се конектираат со актуелни случаи, како што е случајот „Рекет“. Ако има ваков случај, тогаш тоа е обврска на секој граѓанин да го пријави, а посебно на пратеник. Креирањето на вакви амбиенти ниту ќе ви помине, ниту ќе дозволиме да ви помине, затоа што сме чесна Влада. Нема да дозволам ниту мојата канцеларија, ниту мојот Кабинет да бидат ставени во ситуација, кога некој немајќи аргументи да ја критикува Владата, измислува случаи, потенцира Заев.

На вчерашната седница за пратенички прашања премиерот рече дека се сретнувал со второобвинетиот во случајот „Рекет“, Зоки Кичеец, но само официјално кога овој застапувал заинтересиран странски инвеститор во рударството во Македонија, односно, како што кажа, извесен Ник од Австралија.