Кому му одговара гласачите да останат дома?!

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска изјави дека не е точно дека со ДИУ подготвуваат сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај, откако ден претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предупреди дека се кова сценарио за бојкот на изборите за на тој начин да се спречи победата на Гордана Силјановска-Давкова, при што ги обвини структурите блиски до СДСМ и ДУИ

616

До парламентарните избори и вториот круг од претседателските избори има уште две недели, во кои партиите немаат време за губење – владејачката СДСМ за евентуално да го поправи  резултатот од првиот круг, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја добиe предноста во освоени гласови од граѓаните. Во фокусот на партиите е прашањето на излезноста и сите упатуваат повици до граѓаните масовно да дојдат пред избирачките места, за да се постигне цензусот од 40 проценти, што е предуслов за успешен избор на претседател на државата во вториот круг на 8 мај .

Засега партите, чии кандидати не влегоа во вториот круг, сè уште не донеле одлука дали и кому ќе дадат глас во финишот на трката за шеф на државата. Во политичките кулоари од ден на ден сè почесто се лиферува и можноста за тивок бојкот на претседателските избори на 8 мај.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во четвртокот предупреди дека се кова сценарио за бојкот на изборите за на тој начин да се спречи победата на Гордана Силјановска-Давкова, при што ги обвини структурите блиски до СДСМ и ДУИ. Денеска, пак, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека тоа не е вистина и ги повика сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За Европска иднина.

„Тоа не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг претседателски избори. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата „За европска иднина“ на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските интеграции“, изјави Ковачевски.

Инаку, откако на 24 април, во првиот круг, актуелниот шеф на државата и кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, освои 19,93 проценти од гласовите, додека неговиот најголем ривал во трката, противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова, зад кој застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ, извојува исклучително голема победа и освои 40,07 проценти од гласовите, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сепак предупреди дека работата не е воопшто завршена.

И Мицкоски ги повикува граѓаните да излезат во што поголем број за да не пропаднат претседателските избори, но и да ја исполни нивната партиска цел, да имаат 61 пратеник и со тоа да не бидат условувани од другите партии при составувањето на влада. Тој  претходно ги повика на национално обединување сите партии во битката против владејачките СДСМ и ДУИ.

-Оние што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле по изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот. Добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и заемна поддршка на изборите“, вели Мицкоски.

Инаку подолг период во јавноста се спомнуваше дека е можно во вториот круг од претседателските избори, мнозинството Албанци да немаат мотив да гласаат за претседател Македонец, поттикнати и од партиските лидери, а со тоа да нема ниту излезност.

Лидерот на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, кој не влезе во вториот круг се уште не открива дали донеле одлука кому ќе дадат глас во вториот круг, како и дали ќе одговори на поканата за Мицкоски за коалицирање.

-Предлогот на Мицкоски покажува дека и ВМРО-ДПМНЕ разбрала каде е тежината на гласот и на пратениците Албанци. Но, нашиот фокус како коалиција и како партија е работата за изборите на 8 мај, за најголем број мандати. По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нашата непреговарачка прозападна ориентација. Ние како Вреди сме пообединети од кога било. Нашиот глас е мнозинство од гласовите на Албанците. Нашите мандати одат кај пратениците Албанци. Бидејќи ние го штитиме напредокот на Албанците, изјави Таравари.

И коалициските партнери во Европскиот фронт предводен од ДУИ сè уште официјално не разговарале за тоа дали и на кој кандидат ќе ги даде гласовите во вториот круг од претседателските избори, но вчера дел од коалициските партнери веќе излегоа со својот став за ова прашање. Скендер Реџепи Зејд, лидерот на Народно движење, кое е дел од Европскиот фронт, изјави дека тој не би гласал за претседател на 8 мај.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, за весникот ВЕЧЕР, вели дека на 8 мај на вториот круг од претседателските избори не е исклучена можноста мнозинство Албанци да не го земат пенкалото во рака. Таквиот став тој го образложува со тоа што претходно најголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го одбија нивното барања за избор на претседател во Собранието. Арсовски вели дека на албанските партии им одговара да пропаднат претседателските избори.

Инаку, без гласовите од Албанците, Арсовски оценува дека на избирачките места ќе треба да излезат сите гласачи кои дале поддршка за останатите претседателски кандидати во првиот круг и дека на тој начин ќе може да има излезност од 40 проценти. Но според него тоа нема да биде лесна работа.

Ако се случи да нема цензус, Арсовски вели дека постои опасност од институционална криза и повторување на изборната постапка сè додека не се избере претседател на државата. Тоа може да се одолговлекува во недоглед. Кога не е избран претседател, функцијата ќе ја извршува претседателот на Собранието.

(М.С.)