Заев оди на избори на 21 јуни, Мицкоски наесен – ќе се најдат ли во јули?!

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, останува на ставот за избори во јуни, а лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски, на лидерската понудил три датуми на крајот на август и првата половина на септември. Без приближувања за овие предлози, во политичките кругови се шпекулира дека двајцата лидери ќе се најдат на средина, односно крајниот договор ќе биде избори во јули, и покрај тоа што со тоа не се согласуваат партиите од албанскиот блок. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека доколку ВМРО-ДПМНЕ упорно избегнува консензус, тогаш изборите по сила на закон ќе бидат на 21 јуни

59

И по две средби, во рок од седум дена, лидерите на најголемите политички партии не се испазарија за датум за избори. По три часа преговори, на средбата во понеделникот не беше постигнат консензус за новиот изборен ден. По завршувањето на средбата во претседателска вила Водно, и двајцата излегоа со меѓусебни обвинувања, а во фокусот и понатаму препирањата околу здравствената криза. Заев останува на ставот за избори во јуни, а Мицкоски понудил три датуми на крајот на август и првата половина на септември. Без приближувања за овие предлози, во политичките кругови се шпекулира дека двајцата лидери ќе се најдат на средина, односно крајниот договор ќе биде избори во јули, и покрај тоа што со тоа не се согласуваат партиите од албанскиот блок.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за весникот Вечер вели дека доколку ВМРО-ДПМНЕ упорно избегнува консензус, тогаш изборите по сила на закон ќе бидат на 21 јуни. Тогаш истекуваат сите изборни рокови, 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Верувајте ние најмногу сакаме да дојдеме до консензус, вели за весникот ВЕЧЕР, лидерот на СДСМ, Зоран Заев. За СДСМ се неприфатливи избори наесен.

-И до сега правевме сè и ќе продолжиме и натаму да вложуваме максимум за заеднички договор. Не е добро ниту за ДПМНЕ, ниту за нас, а ни за државата да нема консензус за вакви прашања. Но, ако сепак ДПМНЕ инсистира да нема датум за избори, тогаш по сила на закон, изборните рокови го проектираат 21 јуни како изборен ден тука веќе работите не зависат од нас туку од законите, изјави Заев.

 

Во време кога земјите во соседството (Србија, Хрватска) брзаат да организираат избори за да не влезат во нов ковид, пик и со тоа во нова уставна криза, додава Заев, Мицкоски и ДПМНЕ бараат одлагање на избори.

-Сите знаат: септември, есента, се најризични за јавното здравје. СЗО постојано алармира, есента се очекува нов пик, поради отворените граници, летните одмори, отворањето на школите и градинките… Крајна неодговорност и опасност е да заговараш избори на есен.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да ги повлекува нивните листи со кандидати за пратеници. На крајот на денот, рече генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, сè уште се надевам дека ќе постигнеме консензус кога ќе биде денот за изборите.

Тој потенцираше дека партиите не може да дискутираат за запирање и продолжување на рокови што се предвидени со Уставот.

-Уште од првата средба кај претседателот Пендаровски сите политички партии се договоривме дека што и да се случува секоја следна одлука ќе ја носиме со консензус. Јас сèуште се надевам и покрај сите ултиматуми на Заев и покажување на сила, порано или подоцна, ќе најдеме начин да го договориме новиот изборен ден и дека тоа ќе биде со консензус. Заев е осамен во своите барања, речиси сите политички чинители кои бевме на средбата, бевме за избори нешто подоцна летово, а не во јуни, изјави Јанушев на прес-конференција.

 

Нов обид за консензус

Засега нема термин за нова средба, за што се очекува да бидат информирани од претседателот Стево Пендаровски, со оглед на тоа што во понеделникот не се договориле за нова лидерска.

Средбата во понеделникот, брифираат партиски извори, почнала во атмосфера на жестоко спротивставени ставови на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ кога треба да биде датумот за избори. Без поместување од партиските позиции, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на маса ги изнеле аргументите зошто да и зошто не за брзи избори. И по вчерашната средба, остана неизвесноста до кога ќе има техничка Влада, и кога новите пратеници ќе седнат во собраниските клупи.

Лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, останува на ставот дека сега се создадени услови за гласање и оти првиот термин за избори, по укинувањето на вонредната состојба и врз основ на Уредбата со законска сила, е 21 јуни. Според него, тоа го потврдуваат и Комисијата за заразни болести, уставните одредби и законските рокови, па и мисијата на ОБСЕ/ ОДИХР. СДСМ, додаде Заев по лидерската, допрва ќе размислува дали без опозиција ќе оди на избори. Според Заев, однесувањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, е на штета на државата, обвинувајќи дека тој се плаши од граѓаните и гласањето.

Тој го цитираше член 43, став 6, од Изборниот законик, којшто вели дека МВР во рок од еден ден од јавниот увид доставува листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по кој било основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на завршувањето на јавниот увид. МВР, исто така,во рок од еден ден доставува листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, а ДИК податоците за овие лица ги впишува во Избирачкиот список по службена должност.

-Изборите се утврдени и одредени, прашање е дали се има волја и желба да се учествува на изборите. Бегање од изборите нема. Оттука очекувам да се подготват сите и сите процеси на институциите кои се задолжиле да ги завршат своите работи, повтори Заев.

Заев на лидерската цитирал и дел од извештајот од Комисијата за заразни болести, каде што се наведува дека пред нас е период кога треба да научиме да живееме со вирусот, и оти како изминува времето сè повеќе се зголемува ризикот од враќање на епидемијата со втор бран, со зголемување на бројот на пациенти.

За ОБСЕ/ОДИХР, рече, е подготвена повторно да се распореди со активности за изборите, штом се утврди датумот за изборите и водејќи сметка за патните ограничувања и протоколите поврзани со здравјето.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба предложи три термини за одржување на изборите: 23 и 30 август и 13 септември. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски по средбата изјави дека овие термино не се фиксни туку зависат од состојбата, а најоптимален би бил оној кога би бил и најмал ризикот од коронавирусот врз здравјето на граѓаните.

Мицкоски изрази надеж дека нема да има, како што нагласи, едностран акт на насилство од неколку партии во однос на одредувањето датум за избори. Очекува постигнување консензус со што ќе се потврди дека на партиите им се најбитни граѓаните, а не политичкиот интерес. На лидерската средба, како што рече, претседателот на СДСМ, Зоран Заев поставил ултиматум, а тоа е неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поразговаравме отворено за сето она што ние како ВМРО-ДПМНЕ го антиципиравме, пред нас ги имавме извештаите кои морам да признам ме разочараа, а тоа се извештајот од Комисијата за заразни болести каде што во четири точки отприлика беше пренесена сето она кое што го имаме во минатото слушнато, уредбите, растојание од еден и пол до два метри како препорака, да носиме маски, да носиме ракавици, да ги миеме рацете. Прилично неочекувано за мене, иако, да бидам искрен, очекував дека ќе бидат малку подетални, бидејќи тоа што ни го напишаа дента претходно го слушнавме од неколку политичари од власт и од самиот господин Заев. Тука беше и дописот што го имаше ДИК доставено до претседателот Пендаровски каде што беше антиципиран можниот роковник на предвремените избори. Ако се собере многу лесно се доаѓа до бројката од 35 до 50 дена. И конечно, на кра,ј го имавме одговорот на писмото на одговорните од ОБСЕ/ОДИХР, кои велат вака накратко кажано, кажете ни датум, ние ќе ви кажеме во колкав обем и колкава мисија можеме да испорачаме, посочи Мицкоски.

Мицкоски информира и дека на лидерската средба ВМРО-ДПМНЕ го ставила на маса и повторното ажурирање на списокот за гласањето на дијаспората со оглед дека досега некои од избирачите навршиле 18 години.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во својата изјава истакна дека изборите се битни, но оти е потребен консензус за датумот и пред сѝ да се земат предвид мерките од здравствените институции, оти здравјето на граѓаните е пред сè.

– Многу е битно во вонредна ситуација сите да сме одговорни и да сме согласни за постигнувањето на нашите цели. Ние сме многу свесни дека земјата е без Собрание, дека е со техничка Влада, но оваа ситуација е предизвикана од пандемијата и опасен вирус, рече Ахмети и нагласи дека е многу важно оваа ситуација да не се политизира или да се партизира заради, како што рече, политички цели.

Алијансата за Албанците и Алтернатива по средбата излегоа со став дека треба да се постигне договор за избори со консензус, но и со предлог за 26 јули како најоптимален датум за одржување на изборите. Според, претседателите на партиите, Зијадин Села и Африм Гаши, државата треба да има институции, но и на денот на изборите да не биде ставено во опасност здравјето на граѓаните. Лидерот на Движењето Беса Билал Касами истакна дека датумот за избори треба да се одреди по завршувањето на вонредната состојба, односно предлага да продолжат да течат роковите за изборите во рамки на Уставот и законите.

Избирачки список не може да се изготви за 22 дена

Тоа што Заев го презентираше на прес конференција е заклучок, нема одлука. Јас мислам дека се треба да се направи консензуално, се друго е импровизација, вели претседателот на ДИК.

Сите изборни активности за 20 дена не можат да се постигнат. Сите се согласивме дека треба да направиме ново ажурирање на избирачкиот список. Истиот став му го претставивме и на претседателот на државата Стево Пендаровски на средбата минатата недела. Во рок од 22 дена Државната изборна комисија не може да ги реализира сите останати изборни процеси, за да има еден легитимен изборен процес. Јас таков избирачки список нема да потпишам, изјави за весникот ВЕЧЕР, претседателот на Државната Изборна Комисија, Оливер Деркоски.

Претходно претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција рече дека Државната изборна комисија донела одлука да го прифати ажурираниот Избирачки список со кој ќе може да се оди на предвремени парламентарни избори во јуни.

– ДИК да носи одлуки со консензус, четворица се од власта, петтиот од БЕСА, од седум члена. Ако треба да се надгласуваме, ќе ги победиме. Тоа не е добро. Еве ја одлуката, веќе ја донесоа. Јавно е достапна дека ги прифаќаат сите процеси и протоколи.  МВР треба да достави комплетно ажуриран список до 21 јуни и ДИК мора да го потпише и објави, рече Заев, покажувајќи го документот.                                  (Ј.Ц.Г.)