Грција нема да воведе карантин, туку само куса здравствена контрола за туристите

238

Она што е важно е дека ние нема да поставиме особени ограничувања за туристите, вели министерот за надворешни работи на Грција Милитиадис Варвициотис во интервјуто за грчката телевизија „МЕГА“, објаснувајќи дека ќе се обидат туризмот да го отворат на ист начин за сите земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, прашан за веројатноста за спроведување тестови за Ковид-19 за туристите вели дека нема нешто такво на ум, „но се чини дека нема да одиме на некоја логика за некој конкретен тест или национални правила за тест“, додавајќи дека и тој лично го чека утрешното обраќање на Мицотакис за да ги чуе предлозите.

Варвициотис објаснува дека нема да постои карантин за оние кои доаѓаат во Грција, но ќе има, како што рече „куса здравствена контрола при пристигнувањето“.

Онлајн изданието на весникот „Катимерини“ , повикувајќи се на свои извори пишува дека „патниците кои што ќе пристигнуваат нема ниту да бидат ставени во карантин, ниту ќе бидат должни да прават тест за новиот коронавирус“.

-Второто беше нешто што Грција го побара, но како што е познато од минатата седмица, Европската унија, како и надлежните европски организации (Европски центар за превенција на болести и Европската агенција за безбедност во воздухопловството) одлучија дека тестовите како предуслов за патување не се поткрепени од постоечките научни сознанија или достапните методи за тестирање, пишува  „Катимерини“.

Сепак, во Грција, во изминатиот период, кога станува збор за туризмот и туристите, како и за начинот на патување и слично, акцентот се става на оние кои авионски пристигнуваат во земјата.

Во однос на тоа кога Грција би можела да прими туристи, „Катимерини“ пишува дека треба да се финализира датумот, дали тоа ќе биде најдоцна на 1 јули, или пак можеби и порано, на 15 јуни.

Хотелите кои што работат во текот на целата година, предвидено е да се отворат на 1 јуни, додека пак сезонските туристички објекти, во текот на следниот месец, најверојатно на 15 јуни.

Како што претходно објави МИА, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, утре попладне ќе го соопшти владиниот план за туризмот и економијата, а веднаш потоа, надлежните министри ќе ги објаснат деталите.

Се очекува во планот да бидат вклучени сите аспекти, начинот на патување, здравствените протоколи за туристичките објекти и хотелите, како и поддршката на вработените во туристичкиот сектор.