Жителите на Ореовец се попишманија за блокирање на регионалниот пат

1536

Иако се очекуваше, жителите на Ореовец не ја реализираа најавата – радикализација на протестот што го најавија за денеска. До затворање на весникот, немаше блокада на регионалниот пат, а се мислеа дали да протестираат пред кампот на конзорциумот „Бехтел и Енка“ како во изминатите десетина дена.

Тие протестираа против ископот што го вршат од „Бехтел и Енка“ непосредно до селото Оревоец, бидејќи сметаат дека со минирањата во непосредна близина на селото, загрозени се водата за пиење, живеењето и животната средина, особено со ендемскиот вид на една пеперутка.

Во меѓувреме, преку правен застапник, доставени се претставки до прилепскиот Основен суд за обезбедување докази и до Уставниот суд за преиспитување на уставноста. Инспекторатот за животна средина направил увид, а жителите не се задоволни од, како што велат, паушалниот пристап во инспекцискиот надзор.

До Уставниот суд е поднесена иницијатива со предлог за изрекување времена мерка за оценка на уставноста на членот 10, став 4, кој предвидува исклучок од правилото дека само врз основа на поднесено барање од ЈП за државни патишта може да се започне со експлоатација, без притоа да се има предвид дека пред започнување со експлоатација и подготвителни работи, неопходно е да постои една низа на правни документи.

До Основниот суд во Прилеп е поднесен предлог за обезбедување докази со кои се бара вешти лица од сите области, вклучително од животната средина, градежен инспектор да ја утврдат состојбата на самото место и да ги оценат влијанијата на ваквите градежни активности врз животната средина и населението. Веќе е закажано рочиште на 3 јуни.

(С.Бл.)