Дрвата изгор скапи, Инспекторатот ќе проверува зошто

511

Кубик огревно дрво во приватните стоваришта достигна цена над 4.500 денари, додека оние што ги продава ЈП „Национални шуми“, според новиот ценовник што стартуваше од 1 септември, а го одобри Владата, се за 1.500 денари поевтини. Зошто е тоа така проверуваат Пазарниот инспекторат и Државниот инспекторат за шумарство и ловство, по барање на министерот за животна средина Насер Нуредини.

– Според регулативата на ЈП „Национални шуми“, цената за еден кубен метар дрва за огрев е 3.000 денари, но во последниот период, откако почнаа граѓаните да набавуваат дрва за греење на домовите во зимскиот период, се проширија информации дека тие плаќаат најмалку 50 проценти повисока цена од предвидената, односно над 4.500 денари за кубен метар – истакна Нуредини на денешниот брифинг.

За ваквата голема разлика во цените на огревното дрво во приватните стоваришта, Нуредини информирал на минатата владина седница.

– Во правилникот пишува 3.000 денари. Зошто се продава по вакви цени во приватниот сектор, очекуваме да добиеме информација од инспекторатите – посочи министерот Нуредини и упати апел граѓаните да престанат со нелегалната сеча на шумите.

Инаку, семејства што никогаш не користеле дрва за огрев, веќе сакаат да набават потребни кубици, а досегашните корисници најавиле двојно поголеми нарачки. ЈП „Национални шуми“ доби дозвола да ги зголеми цените на огревното дрво за 20 проценти. Цената на најскапото и најквалитетно дрво – дабот се зголеми од 2.900 денари на 3.564 денари за кубен метар. Буката сега чини 3.444 денари, јаворот е 3.204, а тополата е 3.084 денари за кубик.

Владата ја определи највисоката трговска маржа на 10 отсто како посебен услов во трговијата за: огревно дрво од даб; огревно дрво од бука и пелети за огрев. Истовремено, се забрани и извозот на овие производи.

(С.Бл.)