Од кога се влошила состојбата  и  тој починал дошле луѓе од неговите пријатели, роднини и го зеле пациентот на сила без да ги почитуваат протоколите на земање пациент од инфективно одделение. Го зеле со креветот од инфективна амбуланта, го префрлиле преку ограда, го ставиле во комбе и го однеле дома, фактички го украле пациентот, изјави за весникот ВЕЧЕР,  д-р Наќе Гогов, директор на Општата болница во Струмица.

 

Вистинска драма се случувала утрово на Инфективното одделение во Струмица. Семејство чиј близок починал, без дозвола и надвор од сите протоколи на сила го зеле телото и со болничкиот кревет го изнеле пред болницата по што починатиот го префрлиле во комби возило и го однеле дома. Во телефонска изјава за весникот ВЕЧЕР, директорот на болницата го потврди случајот.

Тој информираше дека пациентот кој имал отежнато дишење, малаксаност, покачен крвен притисик и шеќер  на одделението бил примен околу девет часот претпладне. Веднаш бил прегледан, дадена потребната терапија и вклучен кислород.

Но по дваесетина минути состојбата му се влошила по што тој починал.

„По поминувањето на дваесет минути од терапијата состојбата на пациентот му се влошува и завршува летално, што значи егзитирал пациентот. Фамилијата цело време била присутна на давањето на терапијата на пациентот и се било во ред. Од кога се влошила состојбата на пациентот и егзитирал дошле луѓе од неговите пријатели, роднини и го зеле пациентот на сила без да ги почитуваат протоколите на земање пациент од инфективно одделение.

-Го зеле со креветот од инфективна амбуланта, го префрлиле преку ограда, го ставиле во комбе и го однеле дома, фактички го украле пациентот“, рече д.р. Наќе Гогов, директор на Општата болница во Струмица. Освен болничкото обезбедување интервенирала и полицијата која била повикана од страна на  болницата.

На пациентот наводно  претходно му бил направен тест за ковид-19, објави Фокус, повикувајќи се на информација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Според информациите, пациентот во раните утрински часови бил примен на инфективното одделение  наводно како сомнителен случај на ковид-19 и веднаш му бил земен брис дали е носител на вирусот или не.

Истрагата за целиот случај е во тек.

( З.Ѓ.)