Чекор поблиску до автокефалноста

Како што верските заедници имаат право да преземаат одредени потези кога се во прашање важни државни прашања, така и државни функционери може да преземаат и прават одредени потези кои се однесуваат за важни прашања на верски заедници. А признавањето на автокефалноста на МПЦ е едно од таквите, вели Ѓорѓевски за весникот ВЕЧЕР

202

Писмото на претседателот Стево Пендаровски до вселенскиот патријарх Вартоломеј со барање за признавање на МПЦ-ОА може да се смета за позитивен чекор и не значи нарушување на секуларноста на државата, вели верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски.

Писмото од страна на македонскиот претседател не е нарушување на секуларноста на државата. Како што верските заедници имаат право да преземаат одредени потези кога се во прашање важни државни прашања, така и државни функционери може да преземаат и прават одредени потези кои се однесуваат за важни прашања на верски заедници. А признавањето на автокефалноста на МПЦ е едно од таквите, вели Ѓорѓевски за весникот ВЕЧЕР.

Всушност, писмото, додава тој, се надоврзува на обраќањето на премиерот Зоран Заев од пред две години до исто до вселенскиот патријарх, кое беше поткрепа на тогашното барање на МОЦ-ОА за да ѝ се признае автокефалноста од страна на Вселенската патријаршија, како второстепена, апелациска инстанца во нејзиниот спор со СПЦ. Ѓорѓевски вели дека сега треба да се очекува конечната одлука, на која треба да и претходи средбата меѓу СПЦ – МПЦ и ВП, но таа, според него, нема да се случи бидејќи црковен Белград нема да ја прифати.

Ѓорѓевски за весникот ВЕЧЕР појаснува дека мотивот за писмото на Пендаровски треба да се бара и во регионален контекст, во тоа што се случува во релациите меѓу православните цркви.

Видовме, Вселенската патријаршија е изложена на силен притисок на Турција и на Русија. Во џамија е претворена Аја-Софија и уште една стара црква која била музеј, Турција им дозволува на руски свештеници да држат обреди на турска територија која е канонска јурисдикција на Вселенска патријаршија…Руска црква веќе најавува дека ќе формира свои верски заедници на турска територија со сонародници кои потекнуваат од Русија… Сè е тоа стратегија за маргинализација на Вселенската патријаршија, чија што главна цел е селењето на центарот на православието од Цариград во Москва. Од друга страна, Српската православна црква е силно зајакната по случувањата во Црна Гора, таа го искористи прашањето и проблемот околу сопственоста врз црковните имоти и стана фактор кој менува и влади во своја вкупна стратегија за негирање на црногорскиот национален идентитет, анализира Ѓорѓевски за весникот ВЕЧЕР.

Според неговите анализи, не е исклучено во иднина СПЦ да го постави и прашањето за сопственоста врз црковните имоти во Македонија.

-Јас ќе потсетам дека со Томосот од 2005 година, кој СПЦ ѝ го даде на автономната ПОА на Вранишкоски таа и „ги даде и сите движни и недвижни имоти на СПЦ“ во Македонија. Затоа нема да биде изненадување ако ова прашање и тука се актуализира. Заради сето ова, односно стремежите на СПЦ во регионот, кои ќе се насочат и кон Македонија, мислам дека е потребен силен одговор на Вселенската патријаршија преку случајот на МПЦ, вели Ѓорѓевски.

Шефот на државата со писмо до Фанар, кое го испрати викендов, побара нашите  православни граѓани да бидат еднакви со останатите православни христијани во светот. Пендаровски го извести првиот епископ во православниот свет, Вартоломеј дека Македонија решила да ја остави зад себе историјата и бара признавање на црквата.

-Би сакал да упатам барање до Вашата Светост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата Црква, да го употребиле своето апелационо право, со што нашите сограѓани од православна христијанска вероисповед, конечно ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот, се вели во дел од писмото.

И од МПЦ-ОА сметаат дека ова писмо е добар потег на претседателот на државата иако досега немало официјални средби меѓу претставници од црквата и Пендаровски. Но, добро е што државниот врв сака да го реши ова прашање, изјави портпаролот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј. (Е.А.)