„Изградбата на вечниот дом на нашиот сограѓанин, поп иконата Тоше Проески во Крушево – финишира. За петнаесетина дена работите околу изградбата на овој Меморијален центар би биле целосно завршени и би имале една целина. Штом ќе завршат активностите, преостанува процедура со урбанистите за технички прием и за еден месец градбата би можела да се претстави пред јавноста“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ Томе Христоски, градоначалник на Крушево кој деновиве повторно направи увид во активностите на самото место

Пандемијата на коронавирусот ги пролонгираше, но не ги сопре градежните активности за изградба на вечниот дом на македонската музичка икона Тоше Проески на Гумење во Крушево. Како што велат од Општината, изведбата е при самиот крај, а јавноста наскоро ќе има можност да го види реализираното.
„Изградбата на вечниот дом на нашиот сограѓанин, поп-иконата Тоше Проески финишира. За петнаесетина дена работите околу изградбата на овој Меморијален центар би биле целосно завршени и би имале една целина. Штом ќе завршат активностите, преостанува процедура со урбанистите за технички прием и за еден месец градбата би можела да се претстави пред јавноста“, вели за весникот „ВЕЧЕР“, Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Тој додава дека ниту во еден момент не застанаа со работните обврски, со цел вечниот дом на Тоше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.

„Во моментот се местат стаклата на дограмата и завршуваме со електриката, а поставен е и мермерот, како и сите оние останати потребни работи согласно проектот“, додава градоначалникот Христоски, кој постојано ја следи изведбата на градежните активности и го посетува самото место.

Тој посочува дека во текот на изградбата се надминати и низа проблеми со кои се соочиле.

„Имаше многу бирократски проблеми кои за мене се неразбирливи. Требаше да се направи експропријација со физички лица, за што требаше да помине одреден период, а исто така имаше и застои при префрлување на финансии во буџетот на општината…Во меѓувреме се добиени средства и од општествено одговорни компании… Но, по 12 години ова е успех за локалната самоуправа, бидеќи ова ни беше должност и обврска. Тоше беше амбасадор на нашата општина и држава, и од неразбирливи причини проектот дури сега се реализира“, додава Христоски.

Од Владата за уредување на самиот простор беа одобрени вкупно 10 милиони денари (150 илјади евра). Автор на идејното решение за вечното почивалиште на Проески, пак, е Жарко Чаушевски, а според него новото гробно место ќе биде достоинствено и ќе личи на почивалиштата на светските музички ѕвезди, од еден Елвис Присли до Оливер Драгојевиќ, чии песни и самиот Тоше ги пееше.

„Идејното решение отсликува една физичка позиција на Тоше, а тоа е онаа во позиција на молитва, но не таканаречена класична позиција за молење со споени раце туку, како на повеќето негови фотографии, рацете се малку разделени и не се во идентична насока и форма и од сите страни кога се гледа се илустрира токму таа препознатлива стоечка положба на Тоше, уникатна позиција при молитва на пејачот“, објаснуваат од општината Крушево.

Самиот објект над гробното место велат, го прикажува светото тројство и градацијата во патувањето на душата…

Инаку, Тоше Проески трагично го загуби животот на 26 години, во сообраќајната несреќа што се случи кај Нова Градишка, Хрватска, на 16 октомври 2007 година.
Во Крушево секоја година се одбележува датумот на неговото раѓање, во знакот на мотото „Тоше има само ден на раѓање“. (Д.Т.)