Докторите и сестрите од гостиварското Инфективно останаа без картички, се заканија со штрајк! 

Тие појаснуваат дека од почетокот на пандемијата до денес се на прва линија за помош на пациентите позитивни на ковид-19, се грижат за нив и им даваат нега целиот период наназад и се надеваат дека ќе ги добијат платежните картички кои што согласно Уредбата на Владата беа предвидени за сите здравствени работници на инфективните одделение кои се вклучени во борба против коронавирусот. Од почетокот на епидемијата, посочуваат, континуирано биле примани пациенти позитивни или пак сомнителни со ковид-19, кои своите резултати од тестовите ги чекале хоспитализирани на инфективното одделение.

4922

Дваесет и седум вработени во гостиварското Инфективно одделение во знак на револт ќе штрајкуваат бидејќи се исфрлени од листата за домашни платежни картички иако оваа бенефиција, согласно уредбата на Владата, е наменета за вработените во инфективните одделенија на општите болници. Тие доставиле Ургенција со потписи на сите вработени до Владата, но и Приговор до Министерството за здравство и ФЗОМ. Oфицијално објаснување зошто гостиварските здравствени работници не се ставени во групата, иако Инфективното одделение во Гостивар уште од почетокот на кризата е регионален ковид-центар, е дека немале пациенти заразени со ковид-19.

-Ние навремено поднесовме приговори и тоа до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и до Владата на РСМ. Меѓутоа и по поднесениот приговор и по разгледувањето на приговорите од страна на надлежните органи и доделувањето на платежни картички на оние лица на кои им беа усвоени приговорите ние платежни картички повторно не добивме, ниту пак добивме писмен одговор зошто ние здравствените работници од Гостивар, како вработени во Инфективното одделение Гостивар кои од почетокот на пандемијата бевме вклучени во борбата против ковид-19, не ги добивме платежните картички „Купувам домашно“, се вели во реакцијата на вработените од гостиварскиот Ургентен центар.

Тие појаснуваат дека од почетокот на пандемијата до денес се во на прва линија за помош на пациентите позитивни на ковид-19, се грижат за нив и им даваат нега целиот период наназад и се надеваат дека ќе ги добијат платежните картички кои што согласно Уредбата на Владата беа предвидени за сите здравствени работници на инфективните одделение кои се вклучени во борба против коронавирусот. Од почетокот на епидемијата, посочуваат, континуирано биле примани пациенти позитивни или пак сомнителни со ковид-19, кои своите резултати од тестовите ги чекале хоспитализирани на инфективното одделение.

– На почетокот на епидемијата во нашата држава, во Инфективното одделение во Гостивар беа хоспитализирани пациенти сомнителни или позитивни на ковид-19 кои се наоѓаа во хотелите кои беа предвидени како државни карантини во Маврово. Во март и април во Инфективното биле примени 44 болнички пациенти сомнителни или позитивни на ковид-19 и вкупно 539 амбулантски случаи. Во мај и јуни биле примени 54 болнички пациенти сомнителни или позитивни со ковид-19, како и 209 амбулантски пациенти. И моментов на поднесување на приговорот, Инфективното одделение е со исполнет капацитет, а медицинскиот персонал на секој пациент му дава безрезервна помош, лекување и нега, велат од Инфективното.

Се закануваат дека ако не им се одговори позитивно се подготвени да преземат порадикални мерки.

-Во спротивно, во знак на револт ние како здравствени работници ќе излеземе на штрајк, се вели во реакцијата на медицинскиот персонал од Инфективно.

Од Министерството за здравство не успеавме да добиеме одговор на нашето прашање кое им испративме и писмено. Иако ветија, сепак до затворањето на весникот објаснувањето не го добивме.

Инаку, согласно одредбата на Владата за доделување на домашни платежни картички “Купувам домашно“ за здравствените работници ангажирани во справување со ковид-19 беше предвидено дека здравствените работници ќе добијат платежна картичка “Купувам домашно“ во износ од 40% од последната основна нето-плата. (Е.А.)