Барометарот за вработување во Германија продолжува да расте

60

Се повеќе германски компании планираат да вработуваат нови работници поради што барометарот за вработување, кој го изготвува ИФО институтот за економски истражувања, се искачи на 96,3 поени во септември од 95,4 поени во август.

Германската економија закрепнува и таквиот тренд се повеќе се рефлектира врз вработувањето, се вели во изјавата на институтот.

Нагорниот тренд на вработување, според барометарот на ИФО, продолжил и во производствениот сектор, каде показателот се искачи од мајското ниво од минус 29,1 поени на минус 16,2 поени во септември.

Сепак, генерално, компаниите сè уште отпуштаат повеќе луѓе отколку што вработуваат, забележува ИФО.

Давателите на услуги, особено во ИТ, планираат и повеќе вработувања, што се потврдува со фактот дека индикаторот за вработување во услужната индустрија напредуваше од минус 13,6 поени во мај на сегашните плус 5,2 поени.

Значително зголемување на работната сила сега планираат и трговските компании и градежните компании во Германија, се додава во соопштението.