Дезинфекциски пумпи добија сите основни училишта во Карпош

34

За уште поголема хигиена и редовна дезинфекција на основните училишта, Општина Карпош им додели дезинфекциски пумпи на сите десет образовни установи. Со овие пумпи, на побрз и поедноставен начин, ќе може да се дезинфицираат училниците, холовите, тоалетите и административните простории.

Како што соопшти Општина Карпош, комуналните служби на Општината денеска имале и кратка обука со претставниците од училиштата, за правилно користење на пумпите.

– Сите основни училишта веќе ги спроведоа заштитните протоколи за почеток на учебната година. Направена е дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Истакнати се упатства со мерките за заштита од Ковид – 19, а адаптирани се и повеќе училници за настава според новите правила, се наведува во соопштението.

Локалната самоуправа обезбедила и ИТ опрема (компјутери, слушалки и камери) за наставниот кадар, со цел непречено да се одвива онлајн наставата преку Националната платформа.

– Ги повикуваме учениците, наставно – техничкиот кадар и родителите на зголемена внимателност и целосно почитување на мерките, посочуваат од Општината.