Директор на млекарница во затвор, шестмина со доживотни последици: Ретка и опасна бактерија пронајдена во српски специјалитет

19516
Pexels

Во Австрија пет лица починале како последица на труење со кајмак, еден од омилените српски млечни производи, пренесоа медиумите.

Уште шест лица пак, ќе имаат доживотни последици. Во овој млечен производ била пронајдена смртоносната бактерија листерија, а директорот на млекарницата што го произведувала е осуден на 13 месеци затвор.

Австриската млекарница „Глогник“ морала да го прекине производството поради сомневање дека некои нејзини производи се извор на оваа бактерија.

Листеријата е ретка, но многу опасна бактерија, која во најтешките случаи може да биде фатална. Бактеријата листерија може да се развие на температури под 0 Целзиусови степени и до 45 степени. Тоа значи дека може да се репродуцира дури и во фрижидер, што ја прави особено опасна.

Оваа бактерија е многу ретка,  но кога ќе се развие може да предизвика сериозни проблеми. Можна е контаминација и пред и по термичка обработка на храната, која исто така може да се контаминира за време на процесот на пакување или сортирање.

Добриот термички третман, готвењето и печењето ги уништуваат бактериите. Храната што не е изладена на температура во фрижидерот, како и храната што се ладела премногу бавно, е изложена на зголемен ризик од размножување на бактериите.

Koлку листеријата е опасна по здравјето?

Постојат 2 клинички форми на листериоза – неинвазивна и инвазивна.

Неинвазивната листериоза е лесна форма на болеста, а симптомите вклучуваат дијареа, треска, главоболка и болки во мускулите. Инкубацијата е кратка (неколку дена).

Инвазивната листериоза е посериозна болест која главно се јавува кај високоризични групи на население (бремени жени, пациенти со онкологија, пациенти со СИДА, пациенти со трансплантација на органи и други лица со ослабен имунитет, стари лица и доенчиња). Симптомите на оваа форма на болеста вклучуваат треска, главоболка, вкочанет врат, повраќање, губење на рамнотежа, а во потешки случаи може да дојде до нарушување на свеста, конвулзии и парализа на различни мускули. Просечниот период на инкубација е една до две недели, но може да се движи од неколку дена до 90 дена.

Дијагнозата на листериозата се поставува врз основа на клиничката слика и откривање на бактерии во крвта, цереброспиналната течност (CSF), мекониумот на новороденчето, како и од изметот, повраќаната содржина, храната или добиточната храна.

Листериозата се третира со антибиотици. Многу е важно рано да се дијагностицира болеста и да се започне со терапија.

Најдобар начин да се спречи листериозата е да се спречи можноста за контаминација на храната за време на производството и преработката.

Со оглед на тоа дека млечните производи се најкритични, не можеме а да не се запрашаме како кај нас се контролира квалитетот и исправноста на кајмакот и другите млечни производи?