Со музичкиот спектакл „Глумците пеат“, на 25 мај, беше отворено 25. издание на  Фестивалот на монодрама во Битола, кој ќе трае до 31 мај кога ќе се изведе претставата „Чудна случка со кучето во ноќта”, на Драмски театар Скопје во чест на наградените.

Директорката на Центарот за култура, кој е организатор на фестивалот, Маја Андоновска-Илијевски, го нагласи трајното значење на фестивалот за актерите.

„Ова е фестивал кој докажа дека има непоколеблива посветеност да негува уметнички сјај дури и во услови кога не беше толку познат, а докажа дека може да создава уметност и во време на пандемијата. Овие 25 години значат многу за еден мал, но мошне значаен фестивал кој го става актерот во самиот центар. И мотото ‘Слободата живее тука’ е една директна асоцијација дека не само актерите туку и уметниците се во константна трка и потрага по слобода, а неа ја наоѓаат токму таму каде што творат, на сцените”, истакна Андоновска-Илијевски.

Инаку на годинешниов фестивал ќе се видат претстави од Македонија, Хрватска, Србија, Турција, Грција, Бугарија, Ерменија, Казахстан и Обединетите Арапски Емирати.

Жирито на Интернационалниот фестивал на монодрамата го сочинуваат: режисерката Зоја Бузалковска, актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Мазур, која цели 25 години е дел од Фестивалот.

Покрај официјалната програма со 10 монодрами на сцените, офф-програмата на фестивалот како и секоја година изобилува со содржини. Од промоции на книги, живи споменици и жонглери вдолж Широк Сокак и ДЏ сетови на избрани артисти, во чест на славењето на монодрамата.