Нема скопјанец што не го знае чичко Драги, кој е препознатлив белег со својата тезга на која продава дреболии на „Рекорд“. Во негово име, здружението „Љубезност“ бара да му се помогне за да му се поправи покривот на куќата во која живее.

–  Живее во стара куќа со дотраен покрив од кој, при секое врнење дожд, постојано прокапува. Куќата мириса на влага, поради што се доведува во голема опасност неговото здравје. Потребно е целосно да смени покривот, за што е потребна поголема сума пари – велат од „Љубезност“.

Притоа, ги замолуваат сите добронамерни луѓе што сакаат да му помогнат, да донираат на жиро-сметката што ја има оставено тој за таа намена: 300007047016280 Комерцијална банка АД Скопје,  Филип Поп Стефанов, цел на дознака: за чичко Драги

Чичко Драги е препознатлив и по тоа што се грижи и за бездомните кучиња и за гулабите.

ВЕЧЕР и претходно пишуваше за неговата тажна животна приказна. Покрај неговата масичка на „Рекорд“ секогаш има трошки од леб како храна за животните. Покрај тезгата има пет кучиња. Дома живее сам, со девет кучиња, а рани 20.

Од она што ќе го заработи, прво одвојува да ги нахрани кучињата што се постојано околу него, а она малку што ќе остане, ако остане, е за него. Прво ги дава парите за да ги прехрани кучињата, па така не му стигнуваат да си купи лекови, иако е многу болен. Неговото минато е тажно. Тој е болен од рак на грлото и е опериран, па не може да зборува и отежната му е комуникацијата со другите луѓе. Но, како што вели, негова најголема доблест е тоа што ги сака животните, кои уште како дете ги згрижувал, лекувал и ги хранел.

Од здружението „Љубезност“ велат дека сите го знаеме како скромен во потребите и знаеме како се однесува домаќински со средствата со кои располага.

(А.П.)