Во функција е системот М-карта и М-таг и на патарината „Желино“

153

Се заокружи системот за електронска наплата на Коридорот 8, на делницата Скопје-Тетово, со ставањето во функција и на наплатната станица „Желино“. На овој патен правец, најнапред во функција беше ставена електронска наплата на  наплатната станица Глумово.

– Граѓаните што сообраќаат низ наплатните рампи Желино и Глумово, можат да ги користат бенефитите од системот М-карта и М-таг. Исто така, на наплатните станици можат да се набават и да се надополнат електронските картички – информираа од ЈП за државни патишта.

Договорот за воведување систем за електронска наплата на Коридорот 8, со конзорциум составен од компанијата „Аселсан“ од Анкара и „Жикол“, од Струмица, ЈП за државни патишта го склучи во декември 2020 година и рокот за реализација беше две години.

Договорот, вреден речиси 12,5 милиони евра, ја опфаќаше и изградбата на наплатните станици „Кадрифаково“ и „Преод“ на автопатот Миладиновци – Штип, каде што е воведена електронска наплата, како и изградба на наплатната станица „Арбиново“ на автопатот Кичево – Охрид, чија изградба сè уште трае.

Електронскиот систем за наплата на патарина беше воведен на Коридорот 10, кон Гевгелија, исто така од турскиот конзорциум, во јули 2019 година.

Инаку, пред 37 години беше наплатен првиот билет на првото возило кое помина на една од трите наплатни станици што беа пуштени во употреба во далечната 1987 година.

– Речиси четири децении подоцна, наплатната служба не само што нуди професионална услуга туку прераснува во современа електронска наплата  сѐ со цел да овозможи брз и безбеден проток на сообраќајот – истакнуваат од ЈП ДП.

Јавното претпријатие за државни патишта неколку години наназад има континуиран пораст на приходите по основ на наплата на патарини, па така од година во година приходите растат и 2023 година ја заврши со рекорден приход од 62 милиони евра.

– Поточно, имавме 100 проценти зголемување на приходите од патарина за разлика од пред три години. Како споредба, во 2020 година од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра и 2023 година ја завршивме со 62 милиони евра – истакнуваат од ЈП ДП.

 (С.Бл.)