Во вендинг машините ќе може да се собира и стакло, хартија, метал

143

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ планира да го прошири проектот „И отпадот има вредност“, кој се реализира веќе две години. Бидејќи можностите и поволностите што ги носи овој систем на рециклирање се големи, освен собирање и рециклирање пластични шишиња и лименки, се размислува вендинг машините да може да собираат и друг вид отпад за рециклирање.

– Правиме анализи за имплементација на нови системи за селекција, собирање и рециклирање други видови отпад, како стакло, хартија, метал и сл., секако во согласност со можностите. Планираме и пријавување проекти кон меѓународните фондови, со чија помош би се олеснила реализацијата. Сето ова би придонело да им овозможиме на граѓаните соодветно да го третираат целиот отпад, со што ќе придонесат значително да се подобрат квалитетот на животот и заштитата на животната средина, а, секако, и подигнувањето на свеста за рециклирањето и учеството во циркуларната економија – истакнаа од ЈП ПОЦ.

За проектот „И отпадот има вредност“ заинтересирани се и други општини. Како што велат од ЈП ПОЦ, базирано на успешноста на овој проект, има значителна заинтересираност ваков систем на рециклирање со вендинг машини да воведат и останатите скопски општини, иако засега од ова претпријатие не биле контактирани за конкретна соработка. Од ЈП ПОЦ ја разгледуваат и техничката можност за евентуално поврзување на мрежата на пластикомати, која би ја вовеле со другите скопски општини.

Од планираните 27, засега се поставени 25 пластикомати, а пуштени се во употреба 22 машини за рециклирање, распоредени низ целата територија на Општина Центар. Во периодот што следува ќе бидат пуштени во употреба и останатите пластикомати.

Проектот „И отпадот има вредност!“, потенцираат од ЈП ПОЦ, е одлично прифатен од жителите на оваа општина, а тоа, како што велат, може да се увиди од постојаното преполнување на повратните вендинг машини за рециклирање пластични шишиња и лименки. На повратните вендинг машини, кои веќе две години собираат амбалажи и одат на понатамошен третман, рециклираат повеќе од 3.500 жители на Општина Центар што поседуваат картичка Green Pay.

– Досега, во рамките на проектот, рециклирани се повеќе од 581.870 ПЕТ пластични шишиња и лименки преку нашите повратни вендинг машини, кои речиси две години собираат амбалажи што одат на понатамошна обработка. Рециклираната амбалажа тежи приближно 12 тони пластика и лименки. 

Покрај учество во процесот на рециклирање и финансиски стимул за тоа, со картичката имаат можност и да купуваат со попуст во повеќе од 100 локали на територијата на Општина Центар што се дел од зелената мрежа (маркети, ресторани, кафеани, кафулиња, бутици, книжарници, рибарници, мобилари и слично).

(А.П.)