Владата веднаш да почне со исполнување на препораките на УНЕСКО, бараат од Иницијативата „Охрид СОС“

109

Граѓанската иницијатива за еколошка свест „Охрид СОС“ во писмено соопштение се огласи до медиумите и јавноста по однос предлог-одлуката што ќе биде разгледувана на 43-тата седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во која се препорачува преместување на охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност.

Од „Охрид СОС“ предупредуваат дека тоа е само чекор од бришење на Охрид од листата на УНЕСКО, што ќе значи загуба на статусот уникатно светско природно и културно наследство, што според нив само ги потврдува нивните ставови кога на сите можни начини предупредуваа на таквото нешто.

-Дали на нашата актуелна влада сега ѝ е јасно дека СДСМ и ДУИ ќе бидат партиите кои го изгубија УНЕСКО статусот токму на четириесетгодишнината од прогласувањето? Наместо да славиме јубилеј и да се гордееме што сме успеале да го зачуваме ова непроценливо богатство кое ни го донесе светот во нашата мала земја и кое нè постави на мапата на најуникатни предели во светот, ние со тежина во градите ќе ја очекуваме конечната одлука што Комитетот за светско наследство ќе ја донесе летово во Баку“, стои во писмото лиферувано до медиумите.

Притоа од Иницијативата посочуваат дека навистина во извештајот објавен на страницата на УНЕСКО е очигледно дека по доаѓањето на власт СДСМ прекинува дел од проектите на ВМРО-ДПМНЕ, во насока на исполнување на условите дадени од Реактивната мисија која го посети регионот во април 2017 година, но истовремено се укажува дека УНЕСКО ја обвинува актуелната Влада на СДСМ и ДУИ за неисполнување на останатите задолжителни барања.

-УНЕСКО во својот извештај констатира дека двоецот СДСМ и ДУИ нема никаква намера да ја прекине криминалната урбанизација, легализира дивоградби, допушта палење на огромни појаси трска во струшко, дозволува несоодветна и нелегална реконструкција на објекти кои се дел од културното наследство. Се прави дека не гледа и не слуша додека ламтежливо граба од нашите тешко заработени пари и си ги полни веќе преполните партиски џебови без дно. Констатациите во извештајот на УНЕСКО претставуваат меѓународен скандал и светски блам, стои во дописот.

Истовремено се потсетува дека „Охрид СОС“ со години се бореше против лудите проекти на ВМРО-ДПМНЕ, но како што истакнуваат, „не за да дојде СДСМ и да го продолжи криминалното лудување во коалиција со ДУИ онаму каде што ДПМНЕ застана“.

-Сме испратиле неброени извештаи, барања и до локалната и до централната власт, претставки до соодветните инспекторати и останати институции, но СДСМ реализираше многу малку од она што ние го баравме во интерес на зачувување на целовитоста и исклучителната универзална вредност на регионот, се наведува во писмото и се предупредува на продлжената практика на одговорни функции да се поставуваат неквалификувани кадри, беспоговорни исполнувачи на партиски директиви.

Од Иницијативата „Охрид СОС“ бараат од Владата итно да почне со исполнување на сите препораки на Центарот за светско наследство и да спречи регионот поради нејзината неспособност да биде избришан од листата на УНЕСКО. Истовремено се потсетува дека според потпишаниот меѓународен договор, Владата е единствено одговорна за заштита и зачувување на вредностите на регионот, односно дека УНЕСКО само признава оти земјата има нешто вонсериско и извонредно што не постои на друго место во светот, но грижата за тоа богатство да остане такво е исклучива одговорност на македонските институции.