„Винтерленд“ за предновогодишна атмосфера, домашни изведувачи и огномет во новогодишната ноќ

328

За скопјани ќе има пречек на Нова година. Како што велат од Град Скопје, за разлика од претходните години, пречекот ќе се организира со значително помал буџет од порано, со домашни изведувачи и огномет.

Исто така, на радост на најмладите ќе има и новогодишен базар „Винтерленд“ кој треба да ја создаде предновогодишната атмосфера.

– На 8 декември заврши јавниот повик на кој можеа да се пријавуваат компании за организација на „Винтерленд“, по што следи постапка на избор, со тоа што буџетот оваа година е намален за три пати во однос на претходните години – велат од Град Скопје.

Се очекува „Винтерленд“, чие организирање ќе чини 2 милиони денари, како и други години да привлече повеќе посетители кои ќе можат на отворено да ја почувствуваат новогодишната магија. Што новогодишниот базар ќе содржи, јавноста ќе биде дополнително информирана.

Инаку, градоначалничката Данела Арсовска пред неколку дена најави дека од 10 декември (утре) ќе почне новогодишното украсување на градот. Според нејзината најава, китењето нема да го чини Градот ниту еден денар.

– На повик на градоначалничката компании изразија подготвеност да го украсат градот без никаква финансиска надомест од страна на Град Скопје, за што е склучен меморандум по спогодбеното раскинување на договорот – истакнаа од Град Скопје.

Фирмата „Линк медиа плус“ прифати спогодбено да се раскине договорот од 240.000 евра склучен од Петре Шилегов.

– Воедно се повикуваат сите општествено одговорни компании кои генерирале добивки, да придонесат и да покријат дел од трошоците за дочекот на отворено во Град Скопје – потенцираат од Град Скопје.

(С.Бл.)