Според познатиот српски микробиолог и вирусолог, д-р Миланко Шеклер, главна карактеристика на новиот сој омикронот е што предизвикува голем замор – како автомобил да ве прегазил, обилно потење, болка во грлото, но нема кашлање, нема течење на носот и нема воспаление на белите дробови, а температурата кратко трае. Смртноста се движи околу нулата, а кај 75 отсто од хоспитализираните нема кислородна поддршка. „Би било идеално да се организира лет на авион и да се донесат во Србија позитивни на омикронот и да го рашират вирусот – се шегува Шеклер и дополни дека така на најлесен начин ќе може да се заразиме и да стекнеме имунитет

 

Голем замор е главна карактеристика на новиот сој омикрон, слично како автомобил да ве прегазил, но и обилно потење, болка во грлото, но кашлање и течење на носот нема,а заразените не добиваат ниту воспаление на белите дробови. Температурата најчесто кратко трае и сè потсетува на кратка настинка. Вака го опишува новиот сој на коронавирусот познатиот српски микробиолог и вирусолог д-р Миланко Шеклер од Ветеринарниот специјалистички институт во Краљево, во гостување на национална телевизија во Србија.

Тој дава оптимистички изјави, посочувајќи дека иако омикронот првично го исплаши светот, сепак во реалноста се покажа дека сојот е послаб од другите и дека пандемијата очигледно дека ќе заврши со еден вид договор, примирје меѓу луѓето и вирусот.

– Но, за да се случи тоа секој треба да учествува , односно да се заштитиме, да преземеме мерки и да го пратиме упатството на стручните лица, па така вирусот ќе биде и помалку вирулентен и со лесна клиничка слика – вели д-р Шеклер и потсетува дека се смета дека омикронот има преземено дел од генетскиот материјал на друг вирус, оној што предизвикува обична настинка.

Што се однесува за смртноста кај заразените од омикрон, како што вели д-р Шеклер, таа е движи околу нула.

-Кај 75 проценти од лицата кои се хоспитализирани нема потреба од кислородна поддршка. Драстично е опадната смртноста на заразените, се смета дека е за три пати помала – посочува д-р Шеклер и вели ова се последни податоци од хоспитализираните во Јужна Африка, но и во други земји каде што е проширен сојот.

Во Србија засега нема детектирано омикрон, потсетува искусниот вирусолог.

-Но судејќи според оптимистичките вести во земјите каде е регистриран овој сој, би било идеално да се организира лет на авион и да се донесат во Србија позитивни на омикронот и да го рашират вирусот – во шега заклучува Шеклер и дополни дека така на најлесен начин ќе може да се заразиме и да стекнеме имунитет.

Според д-р Шеклер во моментов 70 отсто од Европејците се имунизирани и можеби тоа ќе биде причина овој сој да не се рашири на стариот континент.

-Европа има стара популација, а Јужна Африка има најмлада популација што можеби е причина да овој сој се однесува така и има полесна клиничка слика. Во Јужна Африка само 25 проценти од населението е имунизирано,а повеќето од заразените не се вакцинирани и се млади луѓе – посочува вирусологот.

Што се однесува на тоа како актуелните вакцини заштитуваат од омикрон д-р Шеклер вели дека тие се делотворни, но не како кај претходните соеви. Тој се повика на една мала студија каде се анализирани 12 примероци на крв, што покажало дека Фајзеровата вакцина кај овој сој е послаба за 20 до 40 пати.

– Овие бројки во биологијата не се така страшно, во споредба кога би ви рекле да ви се намалат платите за 20 до 40 пати. Но треба да се има предвид дека останува клеточниот имунитет кој исто така штити од сите соеви на вирусот – заклучува д-р Шеклер.

Со слични размислувања е и нашиот професор епидемиологот д-р Драган Даниловски, кој смирува и вели дека варијантата омикрон ќе биде последната што ќе нè вознемирува. Даниловски посочи дека и прележаните и имунизирани добро ќе се справат со новиот сој и дека епидемиолошката состојба напролет ќе биде поволна.

-Тоа може да биде основната причина поради којашто експлозивно ширење не би требало да се очекува – смета д-р Даниловски и дополнува дека веќе од в година би требало да очекуваме вирусот да се однесува „спитомено”, односно ќе биде, покрај нас, но само како еден од многуте сезонски, респираторни вируси, како што е сезонскиот грип и обичните настинки.

(В.Ма.)