Спасивме мајка со две девојчиња која беше нападната од нивната мачка

1323

Овој случај се одиграл во населбата Методија Андонов Ченто, а за весникот ВЕЧЕР ја раскажа пожарникарот Никола Мајнов. Вели дека мајката ги повикала за да ги спасат од нивната мачка која ја изгребала по нозете, по што морала со девојчињата да се заклучат на терасата. Оттаму ги симнале со пожарникарска скала. Ова е само еден од случаите на кои интервенирале од Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје кои вчера, без традиционалната показна вежба го одбележаа Денот на пожарникарството

 

Освен што гаснат пожари и се соочуваат со опасности што им ги носи работата што ја работат, пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје интервенираат и при сообраќајни несреќи, спасуваат заглавени миленичиња, но интервенираат и при несекојдневни случаи, како што е спасување на мајка со малолетни девојчиња кои биле нападнати од нивната мачка.

Овој случај се одиграл во населбата Методија Андонов Ченто, а за весникот ВЕЧЕР ја раскажа пожарникарот Никола Мајнов.

– Имавме пријава дека мајка со две дечиња бара помош да биде спасена, бидејќи била нападната од мачка. Кога пристигнавме со возилото видовме како мајката со двете дечиња беше заклучена на терасата од зградата спроти бензинската пумпа на „Макоил“. Мајката ни објасни дека мачката која била нивно милениче ја нападнала и во обид да ги заштити дечињата, ја изгребала по ногата. Го ставивме возилото под терасата и со скала кукача ги спасивме мајката и дечињата. Потоа, мајката со возило на Службата за итна медицинска беше преземена за да ѝ се санираат повредите – ни рече Мајнов.

Тој веќе шест години е дел од Бригадата и храбро се справува со пожарите, пред сè во урбаните средини и е дел од првото возило, поточно е во првите редови. Не се жали, ниту стравува од ништо. Учествувал во гаснење на голем број пожари. Во сеќавање му останал пожарот во кој пред две години настрада зградата на Министерството за правда на „Рекорд“.

– Пожарите во урбаните средини се поспецифични и потешки за гаснење. Така беше и во овој случај. Зградата е меѓу други објекти и постоеше опасност да настане голема хаварија. Беше попладне кога пристигнавме да го гасиме пријавениот пожар. Околу 20 пожарникари бевме ангажирани да се справиме со огнената стихија. Успеавме да ги евакуираме вработените. За среќа немаше никој кој настрада, освен еден, најверојатно од чуварската служба кој си ја исекол раката од стаклото. Имаше и пожарникари затруени од чад, но не беше ништо сериозно – раскажува Мајнов.

Тој по повод, 20 Мај – Денот на пожарникарството, ни раскажа дека денот им почнува во 7 часот, а по престројувањето командирот на чета го чита дневниот распоред, по што секој оди кон своето возило и се прават детални проверки на неговата исправност и на опремата што ќе се користи.

– Се палат моторни пили, поточно се прави целосна проверка на опремата. Потоа имаме физички активности. Вежбаме качување на кулата, се спуштаме со скала и друго. Зависи што е предвидено за тој ден. Потоа имаме слободни активности и чекаме повик за интервенција – објаснува Мајнов.

Вчера Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје ја посети скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој упати благодарност до нив за пожртвуваноста и посветеноста. Шилегов потсети дека Град Скопје континуирано вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада.

– Минатата година обезбедивме нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со црева и арматури. Освен тоа, заменета е 35 години старата аналогна телефонска централа со современа нова дигитална – изјави Шилегов.

Командантот на Бригадата, Владимир Симоновски за весникот ВЕЧЕР изјави дека годинава Денот на пожарникарството го одбележуваат без гости и показна вежба поради коронавирусот. Во моментот бригадата има 205 пожарникари, со просечна старост од 52 години, но смета дека им е потребно освежување со нов, млад кадар.

– Годинава требаше да се вработат нови 50 пожарникари, но заради новонастанатата состојба со коронавирусот и донесените уредби од Владата, вработувањата не се случија. Стопирани се и сите набавки, како што се униформите, а до ноември очекувам да пристигне 45-метарската скала – вели Симоновски.

Тој го најави новиот потцентар во Бутел кој треба да биде готов до 2015 година, а предвидени се и две локации кај Расадникот, или во делот спроти „Порше Македонија“ кај Старата Циглана.

 (А.П.)