Бојан Јовановски алијас Боки 13, денеска видно расположен пристигна во суд, каде продолжува судењето за случајот Рекет. Од Истражниот затвор во Шутка, со полициска придружба, Јовановски пристигна со задоцнување од 20 минути.

Јовановски, денеска изгледа подобро, со насмевка ги поздрави присутните во судницата и за прв пат откако почна судењето не се пожали дека не му е добро.

На денешното рочиште ќе сведочат тројца бизнисмени.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште треба да бидат сослушани четворица сведоци. Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.

На минатото рочиште сведочеше вработена во компанијата „Орка холдинг”, која рече дека во декември 2018 година и во февруари годинава има вадено неколку пати поголеми суми од приватни сметки на семејството Камчеви.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.

Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.