Берово се подготвува за карневалот “Ратевски Бамбурци”

75

Повеќе од 3.000 посетители и 300 учесници, според најавите, ќе бидат дел од 11 по ред карневал „Ратевски Бамбурци“, што љубоморно ја чува традицијата на жителите на беровско Ратево, стара 600 години. Таканаречените “Бамбурци” се група луѓе кои се маскираат во кожи што достигнуваат тежина и до 70 килограми.

Претседателот на здружението граѓани “Ратевски Бамбурци”, Зоран Аговски информира дека подготовките за овогодишниот карневал се при крај, така што во недела Ратево уште еднаш ќе биде домаќин на старата беровска традиција.

– Над 300 учесници со своите маски ќе го збогатат карневалот. Според она што ни го кажувале нашите предци станува збор за традиција стара 600 години, кога поради појава на болест, тогашните жители на Ратево со маски ги бркале лошите духови и болеста од селото. Традицијата и денеска, по шест века и по 11 пат, како карневал ќе се оддржи во Ратево, вели Аговски.

Локалниот обичај поврзан со “Ратевските Бамбурци” започнува рано наутро на 20 јануари на денот посветен на Св. Јован Крстител и има една цел, со танцот на Бамбурците да се избрка злото од Малешевијата.