Наркодилерите во регионов не мируваат и постојано се обидуваат на менито на наркотрпезата на зависниците да понудат нови видови на дроги поопасни од тие што досега ги имало. И во тоа успеваат. Продажбата на белиот отров оди како алва.

Во Србија деновиве се појави нова дрога која е стопати посилна од марихуаната.

Од направените анализи е утврдено дека ефектите на синтетските канабиноиди се слични на марихуаната, но имаат стопати посилно дејство и се забележуваат десет минути по консумирањето. Се изразува преку црвенило на очите и конјуктивит, забрзан пулс, сува уста, промена на расположението и перцепцијата.

Последиците се чувствуваат и наредните денови, а ефектот во континуитет трае шест часа.

Користењето на оваа дрога во светот е поврзано со зголемен број смртни случаи, но и самоубиства.

Јелена Јанковиќ од Комисијата за борба против дрога на Министерството за здравство на Србија вели дека има голем ризик од срцев удар, откажување на бубрезите, проблеми со дишење. Не знаеме точно под кое име се продава на улиците, бидејќи има преку 600 термини. Најчесто се среќава под името „јагода“ и „блади мери“. Важно е да се знае дека консумирањето може да предизвика опасни последици по здравјето – истакна Јанковиќ.

Дека регионов е рај за наркодилерите кои нудат нови и опасни дроги потврдуваат и случаите кои ги открива полицијата. Минатата година исто така за еден месец починаа четворица млади луѓе од предозираност со новата смртоносна екстази розова таблета „редбул“. Овој тип таблети пристигнале во Србија од лаборатории за синтетички дроги во Кина, а само една доза е пет пати посилна од претходно откриените видови на овој наркотик.

Според фармаколозите, единечна доза од оваа дрога може да предизвика кома, а потоа смрт бидејќи содржи исклучително големи количества екстази.

Екстази-апчињата се најпопуларни и најдостапни меѓу младите луѓе, а цената во Србија изнесува од 500 динари за таблета. Цената на психотропните супстанции во Србија никогаш не била пониска, а уште поевтини се во помалите места. За младите луѓе што се вработени ова не претставува речиси никаков трошок, но екстазите може да си ги дозволат и средношколците, а за жал и основците.

Дополнителен проблем е што таблетата се прави многу лесно, па секој може да ја произведува.

Најчесто овие таблети се прават во вид на лого на некои од познатите брендови. Дури и половина од оваа таблета може да биде фатална ако се консумира со алкохол или заедно со друга дрога. Некои таблети имаат дури 300 мг МДМА, односно три пати повеќе од безбедносната доза.

Најмногу ги има по клубовите, каде што може да се купи една таблета за 10 евра. Оние што немале претходно искуство со дрогата по една доза паѓаат во транс, се тресат, имаат напади што наликуваат на епилептични, по што настанува кома и смрт! Од друга страна, оние што употребуваат синтетички дроги веќе некое време го избегнуваат „редбул“ или земаат помалку дози – половина или една четвртина од таблетата.

Од овој тренд не е изолирана ниту Македонија. Досега се откриени неколку случаи на обид во земјава да се дистрибуираат разни видови на дроги досега непознати за наркозависниците. Над десет нови синтетички дроги и психоактивни супстанции кои зависниците најчесто ги набавуваа преку интернет се на листата на забранети супстанции во земјава. Корисниците на дроги во Македонија сега имаат проблем да ја набават озлогласената „сол за капење“ откако македонската полиција првпат ја заплени оваа дрога. Станува збор за синтетичка верзија на кокаинот, но поевтина и подостапна од оригиналот, која стана особено позната по неколку случаи на канибализам во светот кои беа поврзувани со нејзиното дејство.

Македонската полиција неколкупати заплени 25И-НБОМ позната кај зависниците како „Н-бомба“, односно дрога што предизвикува халуциногени ефекти и се продава како легална замена за ЛСД.

-На листата забранети дроги кои полицијата сè уште не ги запленила во земјава, се супстанцијата АХ-7921 опијат сличен на морфиумот и метаксетаминот. Метаксетаминот е синтетизирана од кетаминот, кој е анестетик за коњи, а која беше особено популарна дрога летово на техножурките во Хрватска. Двете синтетички дроги се причина за над педесетина смртоносни предозирања во Европа во изминативе години.