ТОМАС ЕНГЕР: Крими романите се добар начин да се посочат проблемите во општеството

336

„Пишувам книги бидејќи сакам читателот да го однесам на патување. Секогаш тргнувам со она што мислам дека може да биде интересна и кул приказна“, вели за весникот “Вечер“ Томас Енгер кој на македонските читатели ќе им биде претставен преку книгата “Каменувана“ во издание на Бата прес, која ќе биде промовирана денеска (13 мај) во 18 часот во рамките на Саемот на книгата

Бевте фудбалер,  па спортски новинар, се бавевте и со музика, а сега сте познат писател на трилери во Норвешка. Како се случи тоа?

Добро прашање… Не знам, ха, ха! Претпоставувам дека луѓето прават различни работи во нивниот живот, пред да ја најдат нивната професија, а ова ете се случи да биде мојот пат. Морам да потенцирам дека не бев многу успешен фудбалер. Играв само во третата лига во Норвешка, а и мојата музичка кариера не е нешто за фалење, барем не засега (но работам на случајот… побарајте ме на Spotify (Спотифај) или на iTunes (Ајтјунс). Но, да бидам писател на крими романи, беше мојот сон откако го открив жанрот, некаде пред 25 до 30 години, и многу среќен што сум во можност да го живеам мојот сон.

Главниот лик во вашиот роман “Каменувана“ (кој според жанр е трилер) е новинар. Има ли биографски елементи во книгата и дали тој во однесувањето, можеби наликува на вас или, пак, е обратно?

Всушност, има неколку. Хенинг Јул е онлајн новинар, како што бев и јас многу години и можам да кажам дека Хенинг на многу начини ги споделува моите мислења и верувања за модерното новинарство. Се разбира има некои сличности меѓу него и мене. На пример, тој живее во Грунерлока, Осло, што исто така е мој кварт. Тој сака да гледа фудбал и да свири пијано, исто како мене. Но, за среќа, моите деца се живи и здрави, нешто што не може Хенинг да го каже за неговиот син Јонас.

Во книгата новинарот го губи синот во пожар. Потоа се среќава со убиство на каменувана девојка, почнува да истражува и насетува некаква поврзаност… Како ги создавате овие приказни, кој е процесот и од каде ги добивате, всушност, идеите?

Тоа е прашање што го добивам многу често, а вистината е дека навистина не знам. Знам дека звучи малку чудно, но идеите само ми се појавуваат во главата одвреме-навреме. Може да се случи дури и навечер додека спијам. Сцената во почетокот на првата книга, на пример – каменуваната девојка – е всушност нешто што го сонував. Но, мислам дека за мене трикот е во тоа што секогаш треба да се внимава на делови и детали што можат да бидат дел од приказната, без разлика дали е ситуација кога наидувате на личност во возот или нешто што кажал или направил соседот. Нешто што читам во весник може исто така да ми донесе идеја, или можеби кога гледам филм или ТВ-серија, можам да добијам инспирација од тоа. Плус, читам многу книги. Така што имам идеи за околу десет нови книги што би сакал да ги пишувам некогаш понатаму. Се надевам дека ќе бидам во можност да продолжам да го правам тоа.

Се добива впечаток дека во книгата градот Осло е уште еден лик. Дали е така?

Па, некои луѓе го имаат кажано тоа во текот на годиниве, но јас не сум сигурен дали се сложувам. Дејствието во романот е секогаш важно и треба да му претставите на читателот како нештата изгледаат, мирисаат и се чувствуваат, што мислат ликовите и како реагираат, а градовите не го прават тоа. Тие се само дел од приказната. Како рамката за сликите. Но ми се допаѓа фактот што многу луѓе добиваат појасна слика за градот преку моите книги.

Ве фалат за создавањето на напната драма, но и за неверојатно фасцинантните карактери. Ве споредуваат и со Ју Несбе и Стиг Ларсон. Каков е вашиот коментар?

Најпрво, тоа е огромна чест. Мислам дека ги имам прочитано и ги обожувам сите нивни романи, но не сум многу по споредбите. Во фудбалот, на пример, супер талентите што добиваат прекар „новиот Кристијано Роналдо“ или нешто така ќе бидат секогаш споредувани со Роналдо, и тоа не им прави на талентите никаква услуга. Во литературниот свет, ако луѓето кога ќе купат моја книга мислат дека ќе добијат нешто по вкусот на Несбе или Ларсон, има веројатност дека тие ќе бидат можеби разочарани. Бидејќи не пишувам како нив. Имам мој стил и форма. Сакам читателите да земат книга од Томас Енгер бидејќи романот е на Томас Енгер.

Со оглед дека и вашиот роман е со крими тематика, дали пишувањето на крими романи во Норвешка е некаков тренд?

Тешко е да се напише крими роман во Норвешка или Скандинавија без потоа автоматски да бидете ставени во кошот со „острата јавна критика“, што е традиција која започна во Шведска со Шевал и Валхе, наназад во шеесеттите и седумдесеттите години. Крими романите се добар начин да се посочат некои проблеми во општеството, но морам да кажам, дека за мене тоа не е главната мотивација. Пишувам книги бидејќи сакам читателот да го однесам на патување. Секогаш тргнувам со она што мислам дека може да биде интересна и кул приказна, и се разбира, темите можат да бидат додавани или ќе бидат додадени во текот на пишувањето, и потоа ќе морам да ги истражам тие теми на соодветен начин. Но, генерално, не пишувам книги за да се вклопат во некој тренд.

Продадени се и правата за филм. Која филмска ѕвезда, според Вас, би била идеална за главната улога?

Сѐ додека не се направи во Холивуд, мислам дека би требало да биде некој машки популарен актер од Норвешка, а Кростофер Јонер е на врвот на мојата листа, а и со години е прв. Ако филмот е холивудски тогаш… Џејк Гиленхал можеби? Да бидам искрен, не сум размислувал многу.

Дали имавте слушнато нешто за нашата земја пред Вашето доаѓање и дали Ви е познат некој фудбалер, музичар или писател од Македонија? Моето знаење за Македонија е некако ограничено, жалам што го велам ова. Норвешките медиуми не го потенцираат многу вашиот регион од светот, а помина многу време откако бев на училиште, така што се извинувам за ова. Но една од најголемите предности да се биде писател е тоа што патувам многу, а сега ќе дојдам, ќе ја посетам и ќе дознам за Македонија и Македонците. Навистина едвај чекам да го направам тоа… (Д.Т.)