Портите на претседателската вила Водно  се отворија за да го примат новиот станар, првиот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. По 10 години оттаму си замина Ѓорге Иванов со семејството, кој беше шеф на државата во два мандата.

 

Пендаровски во претседателската вила дојде од Собранието, каде што се одржа неговата свечена инаугурација. Со него пристигнаа и сопругата и синот.

Пред обраќањето од собраниската говорница, Пендаровски даде свечена заклетва дека ќе ја извршува функцијата совесно и одговорно, дека ќе ги почитува Уставот и законите и ќе ги штити независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

 „Јавно кажувам и се обврзувам дека ќе бидам претседател на сите граѓани – и на оние кои гласаа за мене и на оние кои гласаа за моите противкандидати и на оние кои не гласаа. Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом, истакна пендаровски

На тој пат сакам да се вложам без остаток, водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг“, рече претходно Пендаровски на свечената инаугурација во македонското Собрание.

Пендаровски во обраќањето посочи дека економскиот раст на државата и бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупцијата се двата приоритети кои ги има нашата држава.

Според новиот претседател, нула ќе биде толеранција кон криминалот и корупцијата, а поддршка ќе даде и на граѓанскиот сектор и на медиумите.

Најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство, дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи.

Во врска со реформите, Пендаровски додаде дека по 30 години транзиција треба да се формираат институции, кои нема да зависат од промената на власта.

Шефот на државата го истакна и односот кон опозицијата кој, како што нагласи, е исто толку важен.

„Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето по повод неговата инаугурација во Собранието на Република Северна Македонија.

Церемонијата за примопредавање на функцијата се одржа со највисоки воени и државни почести, а по нејзиното завршување Иванов и Пендаровски одржаа тет-а-тет средба. Следеше заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во Кабинетот на претседателот.

На инаугурацијата на претседателот Стево Пендаровски во Собранието присуствуваа претседателите на Албанија Илир Мета, на Бугарија Румен Радев, на Косово Хашим Тачи и на Србија Александар Вучиќ, како и министрите за надворешни работи на Грција и на Црна Гора.

Во Собранието дојде и Вилма Трајковски, сопругата на покојниот претседател Борис Трајковски, како и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов.

Стево Пендаровски е петтиот кој седнува на претседателската фотелја од независноста на државата. Пред него највисоката државна функција ја извршуваа четворица претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.

Кој е Стево Пендаровски, петтиот шеф на државата?

Петтиот шеф на државата Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.

Во периодот 1998-2001 година бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.

Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од ноември 2017 година Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО.

Пендаровски беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година, а оваа година повторно беше избран за кандидат за претседател од страна на СДСМ и Коалицијата и победи и во двата изборни круга пред своите противкандидати Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река.

Пендаровски во вториот круг од претседателските избори освои 436.212 гласа, или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.

Многу е чудно што Заев не дојде на инаугурацијата

Пратеникот на ВМРО–ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на прес-конференција во Собранието, по свечената седница за инаугурација на новиот претседател, Стево Пендаровски, рече дека тој има политичка хипотека.

„Голем број луѓе не гласаа за него и не ја дадоа довербата, но тој доби политички кредит од политичари и партии, кои ќе очекуваат тој кредит да им се врати. Враќањето на тој кредит нема да биде од Пендаровски, а во следниот период ќе видиме кои сметки ќе стигнат на сметка на државата, Владата и на институциите, рече Милошоски.

Тој се осврна на недоаѓањето на премиерот Зоран Заев на свечената инаугурација и рече дека не станува збор за болест или друг итен проблем и оти тоа е многу чудно.

Премиерот Зоран Заев додека ги користи четирите дена одмор му ја честиташе инаугурацијата на Стево Пендаровски како нов претседател на Македонија и му порача дека наскоро ќе се видат во Скопје.

Премиерот во петокот објави дека во наредните четири дена ќе биде на одмор, но не е познато каде ќе ги користи слободните денови.

 

Иванов: Функциите доаѓаат и проаѓаат, но човечноста останува 

Досегашниот претседател Ѓорге Иванов кој вчера попладнето во вилата „Водно” му ја примопредаде функцијата на неговиот наследник Стево Пендаровски, објави статус на својот официјален фејсбук-профил.

Со огромна чест, задоволство и одговорност ја извршував функцијата претседател на Република Македонија во изминативе десет години Од се срце му благодариме на македонскиот народ и на македонските граѓани за сета укажана доверба и поддршка. Останете во добро здравје и не заборавајте дека само сплотени, обединети и со меѓусебна почит ќе имаме просперитетна и успешна Македонија, напиша Иванов.

Иванов порачува и дека функциите доаѓаат и проаѓаат, но човечноста останува.