Аларм во Хрватска: Во производ пронајден норовирус, реагираше Европскиот систем за брзо предупредување

8276
Pexels

Европскиот систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ) објави дека е пронајден норовирус во производ од Хрватска, што беше потврдено со контрола на италијанскиот пазар.

Станува збор за морски производи, поточно школки наречени брбавица, кои се нарекуваат и морски тартуфи.

Во соопштението на РАСФФ се наведува дека ризикот по здравјето во овој случај е потенцијално сериозен и дека затоа по контролата во Италија за сѐ ги известиле надлежните.

Се вели дека симптомите на норовирус обично траат од еден до три дена. Главниот симптом е повраќање, додека дијареата е присутна во помала мера, а може да се јават и болки во мускулите, грчеви, главоболка и блага треска.

Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) објави дека норовирус е една од честите причини за труење со храна.

Норовирус е многу заразен вирус кој се шири од луѓе кои јадат храна или пијат вода загадена со патогенот. Ова се случува ако храната или водата се обработуваат со вода загадена со норовирус (на нива, дома, во ресторан итн.) или ако храната и водата дојдат во контакт со траги од измет на рацете на заразени, или незаразени лица што може да го содржат вирусот, објаснува ХЗЈЗ -а, објавија хрватските медиуми.