АЕТМ и МАСИТ со иницијатива за прецизирање на повластената стапка за ДДВ за софтверски решенија

    21

    Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, заеднички предлагаат измена на Законот за данок на додена вредност чија цел е прецизирање на повластената стапка од 5 отсто ДДВ за софтверски решенија, вклучително и на решенија за е-трговија, која, како што велат, е потребна со цел елиминирање на можностите за различни и субјективни толкувања.
    Од АЕТМ и МАСИТ потенцираат дека Законот за данокот на додадена вредност од самото воведување ги опфаќа дејностите од доменот на ИКТ индустријата на многу базично ниво, користејќи терминологија дефинирана во 2007 година кога се овозможува примена на повластена даночна стапка од 5 проценти за овој вид на услуги со цел стимулирање на развојот на информатичкото општество.
    -Несомнено е дека брзите промени кои се случуваат како резултат на развојот на технологиите претставуваат предизвик за регулативата насекаде во светот, која едноставно не може да ги прати промените. Потребни се нови начини на дизајнирање на регулатива која ќе обезбеди безбедност и доверба, а истовремено ќе обезбеди поволна околина за раст и развој. Сепак овој случај кој е предмет на нашата иницијатива не е предизвик од таков тип, едноставно се работи за терминoлогија со недоречености која е неопходно да се обнови. Нема идеална регулатива и постојано ќе треба промени, затоа клучна е брзината и отворeноста за постојани промени. Само така ќе успеeме постојано да ја подобруваме бизнис климата, вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

    АЕТМ и МАСИТ предлагаат прецизно дефинирање и измена на ставот во Развој на софтверски решенија,вклучително веб апликации, веб страни, решенија за е-трговија и мобилни апликации, софтверски лиценци и одржување на софтверски решенија
    Користењето на терминологија која не обезбедува прецизност при алоцирањето на одделниот промет на добра и услуги, како што велат, создава простор за различни толкувања за користење на правото на примена на повластена стапка од 5 отсто од страна на засегнатите страни во деловниот свет.
    Додаваат дека ИКТ индустријата во последните години бележи постојан раст не само во остварените приходи туку и во бројот на компании, бројот на вработени, извозот и вработува млади и перспективни кадри со плати повеќе од двојно повисоки од просекот на ниво на држава.

    -Владата треба да обезбеди поволна клима за понатамошен раст и развој на ИКТ идустријата која игра клучна улога во дигиталната економија, а најмалку што може е да го слушне гласот на заедницата кога се соочува со проблеми и да одговори со промени во насока на јасни правила за сите, објаснува претседателката на Управниот одбор на МАСИТ, Анета Антова Пешева.
    Заклучуваат дека прецизното дефинирање на ставките во законот ќе придонесе за јасна дистинкција на ставките што подлежат на повластена стапка од 5 отсто, сметаат дека со тоа ќе се намали и просторот за субјективни разбирања на предметната проблематика и ќе се намали просторот за различни толкувања од страна на засегнатите страни.